
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
„Мислител“ е скулптура од бронза и мермер, дело на еден од најголемите француски скулптори Август Роден. Излеана е во 1902 г. и денес се наоѓа во Париз, во музејот Роден. Оваа скулптура претставува гол маж којшто седи со раката потпирајќи си ја брадата, замислен.
Што ли мисли?
Од астронаутски ракурс… колку е стара нашава галаксија? Каде плови овој брод?
Има ли глобални дилеми? Дали ќе се смрзнеме или ќе се гламјосаме? … Нешто накај климата… Глобално затоплување? Или глобална уцена? Глобална анатема? Тероризам? ГТЦ? СПЦ?
Можеби мисли за важноста на хуморот во човечкиот живот, и колку е неизбежно одвреме- навреме човек сосема да престане да мисли! Фобозофијата, или стравот од мислењето ги спречува луѓето да се сетат кои се. А, без тоа сеќавање, без nosce te ipsum, според препораките на делфиското пророчиште, ништо од нашата успешна ориентација во оваа тродимензионална проекција од универзум…
Да не мисли на тоа дека зборот универзум значи еден стих? Или е тоа само една верзија на толкувањето?
Да не се грижи за судбината на Едвард Сноуден, кој деновиве заглави во лавиринтот на аеродромските терминали меѓу Исланд и Москва, слично на Виктор Наворски (Том Хенкс), човекот од измислената земја Кракозија, којшто слета на меѓународниот ЈФК аеродром во Њујорк, откривајќи дека во неговата татковина за време на летот бунтовниците ја срушиле владата и ја презеле власта, и како последица на тоа сите негови документи стануваат неважечки, а самиот тој останува заробен на територијата на терминалот. Филмот е снимен во 2004 година во режија на Спилберг и е базиран на вистинска приказна.
Можеби се прашува зошто не е „Девојка од бронза“?
Можеби ја слуша нечујната музика на сферите? Можеби ние, растрчани наваму-натаму бркајќи ја опашката на своите серијали од ТВ илузии, од прегласното мрморење на вечното незадоволство, сме немоќни да ја чуеме мелодијата на сопственото постоење или присуство во светот, којшто најнакрај, во неговата едноставна музичка скала, од до, па сè до си и до, и не е така непријатен како што можеби му се прикажува на развресканото и преплашено бебе коешто тим лекари едвај го изм‘кнува од крвавата матка. Системот на обезбедување што го нуди мембраната на водењакот и блаженото чувство на заштитеност се главните моменти по кои бебето потоа ќе трага цел живот.
Што е овој свет? Рамка? Кутија? Сиренце во некаква замка подготвено да биде гризнато од измаменото глувче? Премногу банална асоцијација на космосот во вид на швајцарско сирење од цртаните филмови со Том и Џери, во контекст на млечните патишта пред сè.
Познавачите на астрономијата велат дека космосот е толку голем што не може ниту да се догледа ниту да се замисли некаков крај на неговата просторност, а нашата планета се кондензирала од меѓуѕвезден гас и прав пред приближно 4,6 милијарди години. Можеби мислителов се прашува со каков часовник – од песок, од електрони или од штогоде друго научникот ги измерил овие милијарди? Што ако сè почнало не пред 4,6 туку пред 3 милијарди? Години?
Првите живи суштества биле далеку поедноставни од кој било едноклеточен организам денес. Всушност тоа е сага за тоа како се создадени првите молекули од океаните на органска супа настанати од атмосферските празнења и ултравиолетовата светлина од Сонцето. Едноставните молекули на водород станувале сè посложени. Постепено, бавно и сигурно.
Пред четири милијарди години, како што вели Карл Саган, земјата била молекуларна Рајска градина. Мислителов како да е замислен над дилемата дали Адам и Ева се шифри за периодичниот систем на елементи во времето на простото клонирање на молекулите…кога тие се размножувале неефикасно, се натпреварувале за да дојдат до градбен материјал и зад себе оставале несмасни, груби копии едвај слични на оригиналот? Јаболкото или што би рекле Французите компирите од земја, сѐ уште биле далечна и фантастична иднина.
Ние сме „паразити на грбот на растенијата“, го крадеме од нив јаглеродниот водород за да го живееме својот животински живот… кога јадеме моркови и магданос, кислородот во крвта се спојува со јаглеродниот водород и од ова ја добиваме енергијата којашто нè раздвижува… издишувајќи, го предаваме јаглеродниот диоксид назад во машините за рециклирање – една борова шума на пример. Растенијата работат на сонце, вода и воздух. Ние? И ние работиме на сличните батерии, само што сме за нијанса покомплицирани. Човекот може да мисли.
Одговорот ќе трпи големи промени во зависност од точката на гледање. Замислете дека сте сателит којшто кружи околу планетава како некој прстен во движење и дека сите случувања на земјава ги набљудувате од таа далечина којашто ви овозможува незасегнатост и прецизно регистрирање и на најневажните детали, сè во служба на експериментот.
…Она што е познато е конечно, непознатото е бесконечно; стоиме на островче среде безграничниот океан на необјаснивоста. Должноста на секое поколение е да оттргне уште малку копно (Т.Х. Хаксли 1887)!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



