
Колумнист:
Адрапо Спараи
Откако фикцијата ќе заврши, доаѓа големиот немир. Големиот немир е празнината што ќе ја замени разобличената илузија, празна пустош исполнета со непријатни вибрации, како илјадници карниворни мравки да се нафрлиле на вашето тело и полека го јадат. За големиот немир што јаде сѐ што има надеж во себеси сведочеле многумина, како Сорен Кјеркегорд во своето филозофско дело „Страв и треперење“, или Фридрих Ниче во своите поетско-филозофски писанија, преполни со возгордеан и до божествени размери невротичен патос, или Жан Пол Сартр за очајот, апатијата и суицидалноста, или Албер Ками со описите на неподносливата анксиозност, или Мирослав Крлежа со приказните на болното распаѓање на индивидуата, семејството и општеството. Големиот немир е насекаде. Можеби во моментите на наивност не сме го забележале, опседнати со плитка воодушевеност од некоја виртуелна личност искреирана од нашата тага, исполнета со несфатлив копнеж по вознес и спојување на суптилноста што толку ни значи. Но, во еден миг сето тоа пука како меур од сапуница и, на нејзино место се простира големиот немир како гигантски рептил човекојадец. Тој монструм, всушност, е невидлива закана за тие што се дрзнаа со детска љубов да влезат во светот на анималниот натпревар на страсти. Што ли очекуваа кутрите жртви на инфантилната доверба? Разбирање? Емпатија? Љубов? Ништо од сето тоа. Само суета и егоизам зад кој се протега бескрајниот пеколен пејзаж на големиот немир.
Разочарувањето е мал збор за оваа деконструирана фатаморгана. Оваа бескрајно болна нервоза што ни ја рие утробата и се потсмева на нашето неутешно страдање е големиот немир со кој никогаш не сакавме да се сретнеме, а тој отсекогаш живеел во нас како најподмолен паразит. Крајот на љубовта и заљубеноста го открива големиот немир во голем стил, како кога се дигаат гламурозните театарски завеси и ете го монструмот што непоколебливо стои на штиците што живот значат. Тој е тука да ни одигра претстава низ која ќе нѐ подучи на целата суровост за која мислевме дека е доблест, за грдотијата што сонуваме дека убавина е, за минливоста на сјајните моменти што во проклетство се претворија, за исчекувањето на милоста што никако да дојде, а наместо утешение еве пристига бранот на страв и омраза што секогаш го придружуваат непожелното присуство на големиот немир.
И предоцна е за сите можни реконфигурации, за сите итри бришења на трагите, за сожаливите погледи во кои бликаа молбите за прошка. Големиот немир е веќе во игра и враќање нема. Никој досега не успеал да се извлече од фаталниот хипнотички поглед на големиот немир, на тој синџир од прашумата на нашата потсвест, на тој нежен убиец кој упорно не следи и во својот црн тефтер ги бележи сите наши гревови. Еве го тука во екот на неговото омилено шоу, со целото лудило на векот, во целата јарост на светот. Големиот немир ги знае сите наши тајни. Ова е неговата омилена справа за мачење кога ќе дојде времето за тоа, кога чашата ќе се прелее, кога словото ќе се исполни. Тогаш доаѓа оној, омилениот дел од претставата на големиот немир, чинот во кој тој суди, а никој не може да му се спротивстави со контрааргументи, зошто во неговиот суд нема адвокати, туку само оѕверени демони без лице и некакви стрвни вештерки што одамна му ги продале своите души на ѓаволот и, подмолно се кикотат следејќи го спектаклот на вашата гибел.
Големиот немир има огромни амбиции, тој би сакал засекогаш да царува во вашата душа. Тој е бескрајно посесивен и кога еднаш ќе ве втурне во неговиот лавиринт, сѐ ќе направи да никогаш не излезете од него. Така заробени, таму во неговите челични канџи, големиот немир ќе ве соочи со целата ваша беспомошност, болка, очај, безнадежност, ужас и одвратност. Така големиот немир постапува со сите оние што мислеа дека се поинакви од најмизерните, најпростите, од најгрдите и најздодевните што ползат по оваа планета.
Тоа е претставата на големиот немир, претстава што треба да трае што е можно подолго и, ако е возможно, до крајот на животот. А, потоа доаѓа мирот од кој сите се плашат иако не знаат зошто. Зошто не знаат како е да си бесчувствително блажен, да си бессовесно доблесен, да си прав растурен од ветерот што го одвеа големиот немир во заборавот на бескрајните еони, во бесконечната несфатливост, во еден сосема мирен сон на едно изморено од апсурдните игри дете, што засака наивно и плитко една илузија, една нестварност, една лажовност, една маскирана суровост, една ужасна себичност, една безоблична суетност, и сега не сака да се разбуди од страв да не се соочи со големиот немир.
*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


