| четврток, 6 декември 2018 |

Весела математика во антикорупциска: Антикорупционер изнајмил стан за 100 евра, а земал 350 евра

На 13.07.2015 година член на Антикорупциската комисија доставил барање до Комисијата за станбени прашања на Владата, за остварување на право на надомест за закупнина на стан и трошоци за комунални услуги за користење на стан. На 22.09.2015 Комисијата при Владата носи решение за остварување на право на надоместок за стан и комунални трошоци, но не ја утврдува висината на надоместокот за закуп. ДКСК носи одлука за исплата на надоместок за стан во износ од 350 евра месечно, односно 250 евра за изнајмување на стан и 100 евра за трошоци.

Членот на Антикорупциска доставил договор за закуп во кој стои дека закупнината изнесува 6.000 денари а за оваа намена му се исплаќани по 250 евра за еден месец. „Од причина што закупот според договорот изнесува 6.000 денари или 97.5 евра произлегува дека разликата од утврдениот надоместок со одлука на ДКСК и реално направениот расход за закуп претставуваат ненаменски потрошени средства. Со увид во приложената документација се констатира дека исплатата по основ на трошоци за закупнина не е реална, односно по тој основ исплатен е поголем износ од 168.818 денари и истите претставуваат ненаменски потрошени средства“, стои во извештајот на ревизорите од УЈП.

 На четири членови им била вршена исплата и на трошоци за храна преку приложени сметки за ресторански услуги при патување во странство иако за патувањето добивале дневници од ДКСК. Имено, иако подигале дневници во износ од 50 проценти плус платено ноќевање, што значи дека дневницата им ги покрива трошоците за храна, членовите на Антикорупцсиката комисија во странство собирале сметки од ресторани и потоа им биле рефундирани и тие трошоци. Во извештајот пишува дека тие пари им биле исплаќани без да се даде појаснување за која намена биле потрошени средствата.

„Во некои случаи констатирана е исплата на надоместок за службени патувања врз база на дупли сметки односно за ист вид трошок два пати е извршена исплата. А исто така во два случаи извршена е исплата по службено патување во странство по сметки од кои не може да се утврди за кој вид трошок е направена. Врз основа на овие трошоци за храна во ресторани и дупли сметки на 4 лица од ДКСК извршена е исплата на ненаменски средства во вкупен износ од 42.514 денари“, пишува во извештајот до кој дојде САКАМДАКАЖАМ.МК

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top