| четврток, 6 декември 2018 |

Сите членови на Антикоруциска утре си поднесуваат оставки?

Покрај Горан Миленков, првиот член на Антикорупциската комисија кој си даде оставка денеска, неотповикливи оставки најавени се и од претседателот на комисијата Игор Тантуровски и другите членови и тие утре треба да бидат доставени до Собранието, велат извори од Парламентот за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Претседателот на комисијата Игор Тантуровски, попладнево не беше достапен на мобилниот телефон, а исто и лицето задолжено за односи со јавност во Антикорупциска не одговарало на повиците.

Ревизијата се однесува на составот на Комисијата со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили, кои се на оваа функција во ДКСК од април 2015.

Ревизорскиот извештај на УЈП покажал дека во 2016 година на членови на Антикорупциската комисија им се исплаќале патни трошоци затоа што доаѓале на седници, а исплата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози, некои од членовите воопшто не доаѓале на работа туку само на седници и биле поднесувале три патни налози за ист ден.

Покрај овие нерегуларности во ревизорскиот извештај како ненаменско трошење на буџетски пари се посочуваат и трошоци за ручеци и вечери во ресторани кои членови на Комисијата ги правеле при патување во странство, како и трошоци за изнајмување на стан.

На 13.07.2015 година член на Антикорупциската комисија доставил барање до Комисијата за станбени прашања на Владата, за остварување на право на надомест за закупнина на стан и трошоци за комунални услуги за користење на стан.

На 22.09.2015 Комисијата при Владата носи решение за остварување на право на надоместок за стан и комунални трошоци, но не ја утврдува висината на надоместокот за закуп. ДКСК носи одлука за исплата на надоместок за стан во износ од 350 евра месечно, односно 250 евра за изнајмување на стан и 100 евра за трошоци.

Членот на Антикорупциска доставил договор за закуп во кој стои дека закупнината изнесува 6.000 денари а за оваа намена му се исплаќани по 250 евра за еден месец.

-Од причина што закупот според договорот изнесува 6.000 денари или 97.5 евра произлегува дека разликата од утврдениот надоместок со одлука на ДКСК и реално направениот расход за закуп претставуваат ненаменски потрошени средства. Со увид во приложената документација се констатира дека исплатата по основ на трошоци за закупнина не е реална, односно по тој основ исплатен е поголем износ од 168.818 денари и истите претставуваат ненаменски потрошени средства- стои во извештајот на ревизорите од УЈП до кој дојде САКАМДАКАЖАМ.МК.

На четири членови им била вршена исплата и на трошоци за храна преку приложени сметки за ресторански услуги при патување во странство иако за патувањето добивале дневници од ДКСК. Имено, иако подигале дневници во износ од 50 проценти плус платено ноќевање, што значи дека дневницата им ги покрива трошоците за храна, членовите на Антикорупциската комисија во странство собирале сметки од ресторани и потоа им биле рефундирани и тие трошоци.

Во извештајот пишува дека тие пари им биле исплаќани без да се даде појаснување за која намена биле потрошени средствата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top