| четврток, 6 декември 2018 |

Скопје парализирано поради снегот: Надлежните спијат (галерија)

Улици неисчистени, преполни автобуси…Оваа зима за првпат во Скопје завеа снег на крајот од февруари и ги изненади надлежните.

Град Скопје, ЈП Улици и патишта и Македонија пат целосно под висината на задачата. Иако метеролозите се денови го најавуваат, снегот ги изненади службите. Булеварите Партизански одреди и Илинден се поледени и наликуваат на лизгалиште. Возилата тешко се движат, а граѓаните револтирани од неажурноста на властите.

Главниот град на Македонија е целосно блокиран поради големите наноси на снег. Од синоќа до денес властите не успеаја да го исчистат снегот. Големи наслаги од снег нема само на споредните улици, туку и на булеварите. Утринава граѓаните на социјалните се жалеа дека не можат ни да стигнат до своите работни места.Механизацијата ја нема нигде.

Не сообраќа автобусот до Нерези (Македонско село) и приградските линии 64, 80, 80а и 180.

Пинтија и Стаклара во Кисела Вода наликуваат на подпланински села кои ги завеала снежна бура, а не на населби на десетина километри од центарот на Скопје.

Снегот по улиците е причина и за сообраќајни незгоди, граѓаните јавуваат за десетина незгоди со возила низ градот, а во Бутел две возила поради непроодноста на улицата се судриле.

Аеродром личи на село завеано во снег, Градоначалникот никаде го нема, а граѓаните не се во состојба да стигнат до своите работни места или да ги завршат секојдневните обврски. Фејсбук групата посветена на општина Аеродром-,,Аеродром ВО МОЕТО СРЦЕ’’ пишува дека „аеродромските улици и тротоари се опасни за возење и пешачење, а општината со мал прст не мрда и мува не го лази градоначалникот.“

Не се памети кога во минатото било вака, до минатата година градот редовно се чистеше од снегот, а улиците не се оставаа да бидат завеани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top