| четврток, 6 декември 2018 |

Ремек-делата на Диего Армандо Марадона (видео)

Диего Армандо Марадона е легенда на фудбалската игра, а неговите голови беа вистински ремек-дела. Постигна дури 583 гола во извонредната кариера, а има многу од нив што сѐ уште се паметат.

Изборот на петте најдобри голови на Марадона е екстремно тежок, а понудата е богата.

Број 1 – Голот за Аргентина против Англија на СП 1986

Може ли подобро од слаломот на Марадона, против играчите на Англија на Мундијалот во 1986 година, што се одигра во Мексико. Еден, два, три, и така до крај. Диего го легна и голманот со финта и рутински погоди. Каков гол, какви дриблинзи и брзина. Погодокот е прогласен за најубав во минатиот век.

Број 2 – Голот за Барселона против Црвена звезда во 1982 во КПК

Нов велемајсторски слалом на Марадона, против одбраната на Црвена звезда во Белград и одеднаш, што прави Диего, неочекувано само ја поткопа топката од работ на шеснаесетникот и го лобуваше домашниот голман. Одличен преглед на играта, што беше една од извонредните карактеристики на големиот фудбалер од Аргентина. Во трк, забележа дека Стојановиќ е излезен далеку од гол-линијата и со прекрасен потег го матираше.

 

Број 3 – „Божјата рака“ против Англија на истиот меч од 1986 година на СП во Мексико

Овој гол баш и не е за пофалба, Марадона го постигна со рака, но е специфичен и на некој начин легендарен и затоа се најде во изборот. И овој гол покажува колку Диего беше снаодлив како играч иако потегот е нефер, а голот ги исфрли од турнирот Англичаните, кои го загубија мечот со 1-2.

 

Број 4 – Голот за Барселона против Реал Мадрид во финалето на кралскиот куп на Шпанија во 1983

Барселона отпатува на реванш во Мадрид со неповолен резултат 2-2 од првиот дуел на домашен терен во финалето на кралскиот куп на Шпанија. Но, и тоа не беше пречка за аргентинскиот ас да ја матира одбраната на Реал за големо славје на Каталонците и тоа среде Мадрид. Марадона беше бисер на светскиот фудбал, а погледнете и потсетете се како со движење со телото го легна на земја Хуан Хозе, откако претходно го „излажа“ и голманот на Реал Мадрид и потоа само ја турна топката во празната мрежа.

Гол број 5 – Против Јувентус во сезоната 1985/86

Диего бепе мајстор и за слободни удари, а легендарни се неговите голови во Аргентина и во Европа, на двата континенти на кои играше за неколку клубови. Секако и во дресот на аргентинската репрезентација. Особено убав беше погодокот против Јувентус во Калчото, кога на чуден начин со многу фелш, Марадона од близина го погоди за него поблискиот агол.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top