Синоќа во Даут пашин амам беше отворена јубилејната изложба „Борко Лазески 1917-1993“. На изложбата се поставени шеесеттина дела од речиси сите творечки фази на авторот. На изложбата и во монографијата се презентирани дела што се сопственост на повеќе специјализирани институции од областа на музејската и на галериската дејност, државни институции и приватни лица.
Во централниот дел на просторот се поставени скиците „Окупатор“ и две скици „Дрво“ на картони со димензии 5.70 на 1.68 метри и 5 на 1.67 метри од историскиот мурал за Народноослободителната борба.
За жал поголемиот дел од творештвото на големиот уметник се срушил во скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година, но голем дел делата на Лазески се или сосема руинирани или се сосема изчезнати.
-Муралот во Старата железничка беше своевидна македонска „Герника“, смета директорката на НГМ, Дита Старова- Ќерими, а според Соња Абаџиева таа беше знак за препознавање на авторот, негов амблем-икона или фреска-икона.
-Нема уметник во Македонија со толку фатален исход во однос на запазување на ликовниот опус како од оној на Борко Лазески, во кој спаѓаат „1903“ или „На Мечкин Камен”, фреска од 1950 во некогашниот Дом на ЈНА, уништена во земјотресот исто како и мозаик на истото место, како и „Играорци”, зграфито во старата железничка станица каде пропаднал и поголемиот дел од фреската за НОБ, вели Соња Абаџиева.
Изложбата ќе трае до 5 април., а како дел од проектот за чествување на Борко Лазески, Националната галерија на 28 февруари, во 12 часот ќе организира и предавање за неговото творештво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.