| четврток, 6 декември 2018 |

Оливер Белопета: Министерството за култура треба да се преименува во Министерство за култура, популизам, естрада, забава, фестивалчиња, маскенбали и туристички патувања

Со реакција за годишната програма на Mинистерството за култура излезе и првиот човек на Скопскиот џез фестивал, Оливер Белопета. Според него, Министерството за култура треба да се преименува во Министерство за култура, популизам, естрада, забава, фестивалчиња, маскенбали и туристички патувања на Република Македонија.

-После мојот пост на Фејсбук страната на Скопскиот џез фестивал, објавен пред и по повод саботната прес-конференција на Министерството за култура за Годишната програма со резултатите од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2018 и дводневното нејзино читање, да одговорам на сопствените дилеми и прашања од тој текст. Тоа што неработен ден е избран за прес-конференцијата и не е нешто посебно. Но, подобро ќе беше пресот да се одржи во саботата длабоко по полноќ (ако болеста за себе  промоција стигнала до неизлечивост Министерството ќе донесеше свои камери). А Брлогот наречен Годишна програма воопшто да не се објавуваше на веб-страна или било каде. Заедно со Жабарникот со побарани и доделени суми за аплицираните проекти, во кој се прпелкаат бројни збунети очиња.

Транспарентност? Не. Објавувањето на Брлогот и Жабарникот не го сметам за транспарентност, ниту само за бесрамност, туку за невидена дрскост со обид демонстрација на сила и моќ, во кои лагата е најсилното (дали кај нас сеуште несовладиво оружје?). Најнапред, Брлогот (Годишната програма на Алаѓозовски) во некои делови веројатно излегува од овластувањата на Министерството според Законот за Влада, а засигурно се судира со Законот за култура и дејностите во него. Еден европски Прибе експерт за култура лесно би го потврдил тоа, заедно со разидувањето со европските пракси, а би скренал внимание и предупредил и на одредби од други наши закони, за несовесност во работењето и злоупотреба на службената должност. Малку би го интересирало тој Прибе дилентатизмот и сознанието дека Брлогот и Жабарникот пристигнале од Детска градинка.
Нема дилема дека Годишната програма и порано сакала да се додворува на што повеќе корисници, со крајна цел прибирање повеќе изборни гласови (потврдено како бумеранг). Со последица – надвладување на квантитетот а не квалитетот. Уравниловка која раѓа незадоволство кај мнозинството. И популизам кој поради бројноста на потенцијалните консументи им дава повластен статус на музичките уметници (и “забавувачите“), макар и за нешто повеќе мрвички, наспроти ликовните уметници, поетите, писателите и сите останати. Популизмот, знаеме, беше типичен за претходното Министерство, со таа разлика што најголемиот број проекти кои излегуваа од дејностите или од суштината и вредносните системи на дејностите во културата не се наоѓаа во Годишните програми, тие скриено се реализираа „во тек“, во програмите дури немаше ниту едно парче од Скопје 2014!
Но, со Брлогот и Жабарникот на Алаѓозовски, со рекордниот број прифатени таквите споменати проекти, се разбира, без вредносен филтер и основни конкурсни критериуми, сегашнoто Министерство за култура ги доведе популизмот и уравниловката до совршенство. Не забележувам дека Министерството за култура жали за изневерените очекувања. И дека е свесно, еве еден пример, дека уште сега е огромно незадоволството токму онаму каде што тоа најмногу ветуваше, кај таканаречените независни културни дејци. И не само кај нив. Многу од „проектите“ во Брлогот и Жабарникот, освен кај последните две Министерства за култура, ни случајно не можеа да се најдат кај претходните, во оние на Баге, Ганка, Унко, Димитров, Ештреф, Ѓунер, Цветан. Наједноставно кажано, шокантно делува енормната бројка на проекти кои со ништо не придонесуваат за културата во државата и кои во старт требале да бидат отфрлени, а не „разгледувани“ и прифатени, голем дел од нив и вон дејностите пропишани во Законот за култура на РМ. Некултура за секого?
Како да излеземе од Брлогот и Жабарникот? Никако. Единствено останува да им дадеме легимитет – со преименување на Министерството за култура. Во:
МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА, ПОПУЛИЗАМ, ЕСТРАДА, ЗАБАВА, ФЕСТИВАЛЧИЊА, МАСКЕНБАЛИ И ТУРИСТИЧКИ ПАТУВАЊА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top