| четврток, 6 декември 2018 |

Кураторскиот тим на МСУ во работна посета на солунските музеи

Тимот од Музејот на современа уметност Скопје беше во неколку дневна работна посета во неколку водечки институции од областа на современата уметност во Солун. Првиот човек на МСУ, в.д. директорката, Мира Гаќина и дел од кураторски тим, меѓу кои и искусниот Зоран Петровски, имаа повеќе значајни разговори за можната соработка.

Првична средба се оствари со официјалниот домаќин, Државниот музеј на современа уметност во Солун. Директорот на Музејот, г-ѓа Марија Цацаноглу (Maria Tsantsanoglou) во детали ја претстави актуелната состојба во музејот и нивните идни планови и изрази голем интерес за соработка со МСУ Скопје. И двата музеи се фокусирани кон современото уметничко визуелно творештво и имаат автентични и оригинални колекции кои покриваат важни периоди од светската уметност на 20 век.

– Долгите и исцрпни разговори со директорката Цацаноглу, доведоа до заеднички заклучок дека и нашиот и нивниот музеј имаат капацитет и интерес да остварат конкретна соработка уште во текот на оваа година и тоа во две конкретни области: Поттик и размена на современата уметничка сцена во Скопје и Солун и гостувачки изложби инспирирани од колекцијата на двата музеи. За изработка на оперативен план за реализација на ваква програма беше договорено следниот работен состанок да биде одржан наскоро во Скопје – истакна в.д. директорката Гаќина.

Директорката Цацаноглу пак, истакна дека генерално, музеите можат да соработуваат и на планот на заеднички настап при конкурирање на соодветните фондови во ЕУ и други меѓународни структури.
Државниот музеј во себе обединува два ентитета специјализирани во областа на истражувањето (Центар за современи уметности) и фотографијата како медиум (Музејот на фотографија).

Во Центарот за современи уметности тимот на МСУ беше запознаена со плановите на оваа истражувачка единица и беше утврдено дека постои простор за директна соработка на Центарот со МСУ Скопје во научно истражувачката област. Договорено беше конкретната соработка да биде предмет на престојниот работен состанок во Скопје.

Во Музејот на фотографија, директорот Херкулес Папајоану (Hercules Papaioannou) настапи со конкретни предлози за размена, истражување и заедничко излагање. Конкретните предлози вклучуваат учество на млади уметници на Солунскиот фестивал, размена на информации за рецентната продукција во областа на уметничката фотографија и изложбено преставување на одбрани дела и размена на каталози и публикации.

Втората важна институција со која МСУ оствари работна средба е Македонскиот музеј на современа уметност во Солун. Директорката на Музејот г-ѓа Тули Мисироглу (Thouli Misirloglou) во отворен и срдечен разговор го запозна стручниот тим со особеностите на колекцијата на овој музеј, кој има сродна ориентација со МСУ Скопје. Мисироглу истакна дека основањето на солунскиот музеј е инспирирано од музејот во Скопје, како резултат на земјотресот во Солун во 1976 година, и солидарниот пристап и дека овој дел од заедничкото минато е исто така добра подлога за развивање на вистинска и плодна соработка. Можностите се големи од претставување на колекциите преку размена на скопската и солунска публика, до запознавање со рецентната сцена.

Тимот на МСУ Скопје беше примен и во администрацијата на градот Солун, од страна на заменикот градоначалник, г-ѓа Ели Крисиду, одговорна за културата и уметноста во градот. Крисиду во исклучително пријатен амбиент најави секаква помош за идејата за соработка на уметничката сцена од двете средини. Нагласено беше дека и градоначалникот Бутарис во развојот на современата визуелна уметност препознава важен приоритет за солунската администрација и општествениот живот во овој град, како и дека таквата ориентација ќе биде поддржана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top