| четврток, 6 декември 2018 |

„Подарени дела од Чехословачка“ 100 години од формирањето на Чехословачка (од колекцијата на НУ Музеј на современата уметност-Скопје)

Во една вака иницирана поставка односно селекција реално се наметнуваат некои правила поттикнати од проблемските блокови на невообичаената презентација. Веднаш се отвора и се профилира дилемата – зад што стои организацијата на оваа изложба, кога во самиот почеток е прифатен конвенционалниот често применуван наслов „Подарени дела од Чехословачка“, а истовремено се инфилтрира една „игра“ чии податоци главно имаат определени историско-политички димензии. Затоа можеме да се дистанцираме од нив бидејќи за нас, сепак, се поважни уметничките аспекти. Сепак, акцентот е ставен на годината кога е формирана заедничката држава Чехословачка, 1918 година што значи годинава е 100-годишнина, но не како заокружена прослава на бившата заедничка држава, бидејќи во 1993 година по мирен пат тие се разделија (Чешка и Словачка).

Во сите наброени околности најбитно е што изложбата е предизвик на отворање на можноста за анализа на повеќе моменти. Би започнале со оние што логично се врзани за последните децении на минатиот век. Тие ги третираат социополитичките промени во Европа, години што влијаеа врз уметноста и културата генерално. Во оваа смисла елаборацијата се темели врз историскиот однос Исток-Запад, што неминовно ги маркира перспективите на затекнатите состојби.

Со намера поцелосно да ги допреме уметничките настани во овие сега одвоени држави неопходно е да се земат предвид сите фази и реални процеси на развојот на повеќе генерации на модерните, но и на современите уметници. Оваа констатација нè оддалечува од симплификуваните работи, од онаа современа продукција што ги следи политичките реформи. Познавајќи ја релативно реалната историска ситуација на Чехословачка, особено наметнатоста кон мистифицирање на односот на официјалната уметност и на државните институции во периодот на владеењето на комунистичкиот режим неминовно се вклучи и т.н. алтернативна, неофицијална уметност што го иницираше централниот мотив на појавените преобразби. Во периодот на очекуваната транзиција и одбегнувањето на директната конфронтација со советскиот режим, особено за време на Прашката пролет 1968 год. (се одбележува и нејзината 50-годишнина) Националната галерија во Прага се реши да одвои важен дел од сопствената релевантна колекција (12 дела), за да ја дополни тогаш младата колекција на МСУ, Скопје. (денес во колекцијата се наоѓаат 265 дела од 92 автори од Чехословачка)

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top