| четврток, 6 декември 2018 |

17-ти Зимски салон: Атрактивни и интригантни толкувања на просторот

Престижната ликовна изложба Зимски салон по седумнаесетти пат ќе се отвори на 16ти февруари во Џифте Амам. Преку дефинирање на годинешната тема, Спектрални места изложбата низ мултимедијална композиција суштински пристапува кон различните сензационални толкувања за просторноста која ги носи визуелната уметност на 21от век.

-Зимски салон е една од ретките ликовни манифестации која од самото основање до денес ја задржа својата автентичност во однос на екслузивност на артистите и нивните креации. Токму затоа изложбата секоја година нуди исклучително визуелно но и актуелно сензибилно доживување. Атрактивна и интригантна во истражувањето на просторот и годинешната изложба преку обединување на сите ликовни медиуми, објекти и документација, фотографски снимки, графички техники, скулптура, моделирање, компјутерска анимација и 3Д, видео и звучни проекции, инсталации и перформанси, ќе ги подигне критериумите и ќе претстави нови вредности во артистичкиот израз, вели Христијан Санев, Претседател на ДЛУМ.

Следејќи го изграденото реноме на најзначајниот биенален ликовен настан, организаторот ДЛУМ за ова издание за селектор го покани српскиот историчар на уметност, Никола Суица, кој најавува избор на дела во функција на галериската просторна достапност што има за цел пред публиката да обедини и класифицира неколку методолошки интересни и предизвикувачки редефинирања или предизвици кои се јавуваат при продуцирањето на современата уметност.

На седумнаесеттиот Зимски салон изложени ќе бидат повеќе од 70 дела од домашни и странски автори и тоа Чешка, Словачка, Србија, Хрватска и многу други земји. И оваа година еден од авторите ќе ја добие Гран –При наградата, престој во атељето на „Citè des Arts“ во Париз, што ја овозможува Министерството за култура на Република Македонија.

Зимскиот Салон на Друштвото на ликовни уметници на Македонија – ДЛУМ е врвна ликовна манифестација и единствена од тој вид во нашата земја. Замислен и основан во 1991 година како ликовна посебност и денешната физиономија на Зимскиот Салон ги има задржано основните карактеристики, професионалност, строга селекција на учесници и квалитетен каталог.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top