| четврток, 6 декември 2018 |

Почнуваат Зимските oлимписки игри во Пјонгчанг: Еве неколку интересни факти и бројки

Јужнокорејскиот град Пјонгчанг од денеска до 25 февруари ќе биде домаќин на 23. Зимски олимписки игри.

Пјонгчанг има околу 43.000 жители и се наоѓа 126 километри источно од Сеул.

Просечната максимална температура на воздухот во Пјонгчанг за време на одржување на ЗОИ се очекува да изнесува 1,6 степен, а просечната минимална минус 8,3 степени.

Маскота на овие игри е бел тигар со име Сохоранг, кој е поврзан со корејската митологија и култура. Официјалниот слоган е „Поврзани со страст“.

Буџетот за Олимпијадата е 2,5 милијарди долари. Предвидени се 1,1 милион билети, а цените се движат од 18 до 1.340 долари.

Организаторите во почетокот изразија загриженост поради слабата продажба на билетите, која во голема мера се должеше на политичките и воените тензии на Корејскиот Полуостров. Меѓутоа, досега се продадени околу 80 проценти од билетите, а преку 70 отсто од Корејците веруваат дека Игрите ќе бидат успешни.

Северна и Јужна Кореја на Игрите ќе се појават заедно под специјално унифицирано знаме за време на церемонијата за отворање.

Исто така, тие ќе се натпреваруваат со заеднички тим во женски хокеј.

Маскота на овие игри е бел тигар со име Сохоранг, кој е поврзан со корејската митологија и културa

Целиот женски севернокорејски навивачки тим познат како „Армија на убавици“ ќе ги поддржува спортистите од двете земји.

На Олимпијадата пријавени за настап се 2.925 спортисти и повеќе од 3.500 официјални лица од 93 земји. Најмногуброен тим ќе има САД со 242 олимпијци, втора е Канада со 226, а трета, воедно и најмногубројна европска држава, е Швајцарија со 169 олимпијци.

Од поранешните југословенски републики најброен тим има Словенија 71, втора е Хрватска со 19, Србија и Босна и Херцеговина ќе имаат по четворица претставници, Македонија и Црна Гора по тројца, а дебитантот Косово ќе има еден олимпиец.

Македонија ќе има тројца претставници: Антонио Ристевски, Ставре Јада и Викторија Тодоровска.

Меѓународниот олимписки комитет го зголеми бројот на дисциплини на 16.

Нови дисциплини се воведени во алпското скијање, карлинг, брзо лизгање и бордање. Во програмата за алпско скијање воведено е екипно натпреварување, во карлингот натпреварување на мешани екипи, во брзото лизгање нова дисциплина ќе биде масовниот старт, а во борадњето се воведени акробатски скокови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top