Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве го објави романот „Бегалски мозаик“ на позната канадска писателка Ен Мајклс, во превод од англиски јазик на Елена Тренчева.
Книгите на Ен Мајклс се преведени на повеќе од 45 јазици, а нејзино најпознато дело е романот „Бегалски мозаик“, кој има дури 12 високи книжевни награди и е филмуван. Според него, во 2007 година, е снимен игран филм во режија на Џереми Подесва, а главните улоги ги толкуваат Стивен Дилејн (Јакоб) и Раде Шербеџија (Атос). Шербеџија ја доби наградата за најдобар актер на Римскиот филмски фестивал за улогата на Атос.
„Бегалски мозаик“ е сублимат од поезија и проза, а критичарите веднаш по појавувањето го оценија како „меланхоличен и величествен“ и роман акварел. Го сметаат за еден од најдобрите романи од англиското јазично подрачје од крајот на 20 век.
Главниот лик во приказната е Јакоб Бер, како дете одвај спасен од холокаустот во Полска. Го спасува грчкиот геолог Атос Русос, кој го посвојува и го води да живеат на островот Закинтос во Грција. Се грижи за него и се обидува да го воведе во нормалниот тек на животот и во реалноста, настојувајќи да го внесе во светот на археологијата, геологијата, поезијата, книгите, картографијата, ботаниката… По војната двајцата емигрираат за Торонто, Канада. Приказната го следи животот на Јакоб, како расте, како се жени и ги поминува животните премрежиња и како ги преживува кошмарите од своите спомени и соништа. Ен Мајкл ги слика епизодите или миговите од животот на еден возрасен човек и на едно момче, кои настојуваат да ја најдат убавината на животот и тогаш кога ја нема.
Романот е напишан со поетски стил, со голема лирска раскош и со цврсти слоеви на метафора. Тој е роман за проклетството на бегалците, за трагедијата на луѓето кои ги преживеале Втората светска војна и холокаустот и кои, покрај сите трауми, го осмислуваат животот надвор од својата татковина.
Во него авторката внесува медитација за тоа „што ни ја прави љубовта способна и неспособна“, а читателот го соочува со ужасите на војната, насилствата, егзилот, загубата…
Ен Мајклс (1958) е поетеса и романсиерка. Таа е најреномиран поет во современата канадска литература. Добитник е на дваесетина национални и интернационални книжевни награди. Од 2015 година е поет-лауреат на градот Торонто, наследувајќи го Џорџ Елиот Кларк.
Ен Мајклс најпрвин се афирмира како поетеса, која со првите две поетски книги освојува високи книжевни награди, така што уште на почетокот на својата кариера го доби статусот на еден од најдобрите современи канадски поети.
Нејзини најпознати дела се стихозбирките „Тежината на портокалите“ (1986), „Рударско езеро“ (1991) и романите „Бегалски мозаик“ (1996) и „Зимскиот трезор“ (2009). Автор е уште на стихозбирките: „Кожни нуркачи“ (1999), „Песни“ (2000), Railtracks (2011), Кореспонденции (2013) и „Сè што видовме“ (2017). Други поважни дела се: „Страста на Лавинија Андроник“ (2005), „Точки на исчезнување“ (2005), „Шеесет и шест книги“ (2011), „Море на фенери“ (2012), „Авантурите на Мис Петифур“ (2015, првата нејзина книга за деца) и „Бесконечна градација“ (2018).
Романот „Бегалски мозаик“ е тематската пресвртница на Мајклс и ќе остави трага врз нејзиното натамошно творештво – ќе ја постави тематската основа за своите идни дела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“од Ангелина Поповска
-
Промоција на книга раскази за Ново маало од Владимир Плавевски
-
Промоција на книгата „Љубовта на Генерал Ш“ од Лира Бојку во Паркот на книгите
-
Промоција на збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски