| четврток, 6 декември 2018 |

Стојаноска: Дали е точно дека е најдена бактеријата МРСА на креветчињата на бебињата во ГАК?

Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека здравствениот систем во Македонија е во тотален хаос, а неодговорноста на СДСМ се гледа низ болничките ходници.

– Здравствениот систем е во тотален хаос. Неодговорноста на СДСМ секојдневно се гледа низ болничките ходници. Здравството го тресат скандали и пропусти, а од власта нема ни трага ни глас. Транспарентност нула. Одговорност нема. Граѓаните прашуваат, власта молчи. Состојбата на гинеколошко акушерската клиника е алармантна, а пациентите се преплашени и очекуваат одговор.

– Колку новороденчиња починале на ГАК изминативе 10 дена? Дали е точно дека е најдена бактеријата МРСА на креветчињата на бебињата и на раните на оперираните пациентки, бактерија која може да предизвика фатални последици по животот на новороденчињата? Ја штити ли некој директорката на штета на пациентите само заради тоа што е блиска пријателка на сопругата на премиерот Зоран Заев ? Власта должи одговори, изјави Стојаноска.

Таа додаде дека вчера јавноста се потресе од случајот на таткото кој по болничките ходници се пресметуваше со обезбедувањето поради тоа што му се нудело бебе со друго презиме.

– Размислува ли некој на ГАК за траумите што ги предизвикуваат? Ова е недозволиво и крајно неодговорно. Кој ќе одговара за стресот и нервозите кои ГАК го предизвика на ова семејство. Власта не смее да бега од одговорност. Ова е само уште еден од низата скандали на ГАК. Имено пред една недела поради грешка во болницата родилка ја напуштила ГАК со туѓо новороденче. Одговорност мора да има за секој еден пропуст, рече Стојаноска.

Таа додаде дека СДСМ мора да поднесе одговорност за десетиците смртни случаи на новороденчиња, за недостатокот на лекови за ретки болести и рак, недостатокот на инсулин, нефункционалните медицински апарати и за здравствените последици предизвикани врз граѓаните поради оваа неодговорност.

– Поради ваквата неодговорност изминативе 8 месеци откако СДСМ ја води Република Македонија, државата падна на европскиот индекс за мерење на квалитетот на здравствените услуги за 2 места. СДСМ ветуваше добро јавно здравство, а донесе безредие и хаос. Граѓаните не гласа за вакво здравство. СДСМ ги разочара сите. Едно се ветуваше, друго реализира. СДСМ покажа колку му значи здравството со неименувањето на министер со месеци. Неодговорноста не смее да продолжи. Здравството не смее да остане заборавено. СДСМ итно да запре со импровизациите и неодговорниот однос кон здравството. Квалитетната здравствена заштита е право на граѓаните, а обврска на власта. Граѓаните заслужуваат подобро здравство, вели Стојаноска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top