| четврток, 6 декември 2018 |

Дводневен форум за искуствата од развојот на креативните индустрии

Во Музејот на Македонската борба денеска почна дводневен форум посветен на искуствата на европските земји во развојот на креативните индустрии. На настанот, кој го организираше Министерството за култура во соработка со Британскиот совет, експерти од неколку eвропски држави ќе споделат знаење, искуства и примери на добра практика со непосредните чинители кои ги создаваат и придонесуваат во развојот на креативните индустрии во Република Македонија.

Гости говорници се: Џон Њубигин, претседавач на Креативна Англија од Обединетото Кралство; Рагнар Сил, претседавач на работната група за културни и креативни индустрии при Европската унија и потсекретар за уметност во Министерството за култура на Естонија; Ентони Атард, ЕУ проектен координатор во „Св. Кавалир Центар за креативност“ во Малта; Тина Пездирц Нограшек од Регионалната агенција за развој на Љубљана, како и м-р Билјана Прентоска од Министерството за култура на Република Македонија.

Во рамките на вториот ден од одржувањето на форумот, на 26 јуни, гостите ќе работат со локални претставници од културниот и деловниот сектор во работи групи и ќе ги споделат заеднички своите согледувања и предлози за натамошно унапредување на креативните индустрии во нашата земја. Настанот е предвидено да заврши со усвојување заклучоци кои ќе можат да се вградат и спроведат во политиките за развој на креативните индустрии во Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top