Чикаго блекхокс се новите шампиони во НХЛ, а до ценетиот трофеј дојдоа со победа од 3-2 во Бостон, ноќеска, за крај на финалната серија, што ја добија со 4-2.
Вистински подвиг направија гостите во самиот финиш кога од 1-2 со два гола за само 17 секунди, поразот го претворија во блескав триумф. На 76 секунди до крајот Бостон, кој беше домаќин на дуелот, водеше со 2-1, а Чикаго се обиде со вообичаена измена на голман за хокеар да израмни. Тоа им успеа со голот на Брајан Бикел на една минута и 16 секунди до крај, а веднаш на почетокот на последната минута од мечот Дејв Боланд го постигна голот вреден Стенлиев куп.
– Најпрво помисливме дека е готово и дека ќе мора да играме седми решавачки меч. Но кога израмнивме, некако имав верба дека ќе постогнеме уште еден гол и дека ќе избегнеме продолженија. Кога поведовме со 3-2 ми се чинише дека последните 58 секунди се вистионска вечност – изјави Патрик Кејн, хокеарот што го доби „Кони Смит“, трофејот за најкорисен играч во финалето.
Чикаго со трофеј ја круниса скратената сезона поради локаутот, а Блекхокс играа прекрасно од самиот старт. Почна со нов НХЛ рекорд од 24 натпревари без пораз. Ова беше прво финале од 1979 година, на две екипи од оригиналната шестока, што од почетокот играат во најсилната хокеарска лига на светот. Останатите 4 се Њујорк ренџерс, Детроит, Монтреал и Торонто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.