| четврток, 6 декември 2018 |

Концертна промоција на „Мајчин јазик“: Албумот на Влатко Стефановски е инспиративно музичко патување (видео)

Продукциската куќа „Баги комуникации“ денеска на средба со новинарите го претстави новиот албум на Влатко Стефановски, насловен „Мајчин јазик“, а исто така информираше и за концертната промоција на албумот. Имено промоцијата на „Мајчин јазик“ ќе почне на 17 март во Македонската филхармонија и концертот ќе претставува заокружување на еден артистички период и израз во кариерата на Стефановски.

Како што истакна албумот е мало интимно парче музика, затоа што го размислувал, го мечтаел 20-тина години, но го чекал моментот кога треба да го сними.

-Tој момент дојде лани на крај на април, почеток на мај, затоа што бев во некакво посебно расположение, со засилени емоции во себе. Влегов во студио и и го снимив за три – четири дена, рече Стефановски.

Албумот е издание на на „Кроација рекордс“, тој е прв акустичен албум во неговата кариера и веднаш по издавањето се здоби со неподелени позитивни критики од балканските музички критичари и медиуми.

-По концертот во Скопје, ќе следуваат концерти во салата Коларац, во Виена и во Лисински во Загреб, најави Стефановски на денешната средба со новинарите.
„Мајчин јазик“ доаѓа три години по неговиот последен албум „Сеир“. На албумот има девет инструментални верзии на македонски народни песни, но и теми од опусот на „Леб и сол“. Како бонус песна, која е единствена вокална на албумот, е „Море сокол пие“, која ја изведува заедно со Раде Шербеџија, кој ги пее стиховите на оваа позната македонска песна. Меѓу другите песни се „Бистра вода“, „Успаванка за Радмилу М“, „Јано мори“, „Димитрио, сине Мите“, „Македонско девојче“, како и „Зошто си ме мајко родила“, која е посветена на Стево и Есма Теодосиевски.

Идејата на музичарот била да направи минималистички албум.

-Сакав да направам албум еден човек и една гитара .Сведоци сме на неверојатна агресија на технологијата, на која ни музиката не е имуна. Сѐ повеќе слушаме машини отколку луѓе и токму како одговор на таа технолошка експанзија, решив да снимам интимен албум и да им се обратам на моите фанови и на моите слушатели, директно од мојата гитара на нивното увце, раскажа Влатко.

Запрашан за интерсната фотографија на албумот Стефановски објасни дека станува збор за стара фотографија на која е неговата мајка со гитара.

-Албумот „Мајчин јазик“ доаѓа со интересна насловната страница, на која се наоѓа фотографија од мојата мајка Нада, во улога на Маша од драмата „Жив леш“ на Толстој. Сликата датира од доцните 1940-ти и му дава на албумот посебна емоционална вредност. Таа упатува и на инспиративно уметничко опкружување во кое созревав како музичар и уметник, вели Стефановски.

Насловот „Мајчин јазик“ го добил поради тоа што според Стефановски постојат работи кои се автентични и кои се наследени, но и работи кои ги стекнуваме со нашето образование и желба за сознавање.

-Некои работи се природни и ги носиме во себе. Можам да научам и јапонски, но тоа ќе биде научен јазик. Го крстив така, затоа што овие теми ми се мајчин јазик. Јас се обраќам на тој мајчин јазик, се надевам дека добро музички го владеам, смета Стефановски.

Специјални гости на концертот ќе бидат балканската етно-дива Биља Кртсиќ и членовите на групата „Љубојна“, Вера Милошевска и Оливер Јосифовски. Концертот ќе се одржи во големата сала на Македонсктата филхармонија во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top