| четврток, 6 декември 2018 |

Влатко Стефановски: Охридскиот концерт ќе биде кулминација на сите мои трагања, музички и просторни

Влатко Стефановски на 1 август ќе има концерт во Античкиот театар во Охрид. Гитарскиот виртуоз ќе настапи заедно со неговите пријатели и долгогодишни соработници Теодосиј Спасов од Бугарија, хармоникашот Танос Ставридис од Грција, Биља Крстиќ од Србија, Весна Гиновска Илкова и групата „Љубојна“ од Македонија.

Посетителите ќе можат да го слушнат неговиот последен проект, албумот „Мајчин јазик“.

– Верувам дека охридскиот концерт ќе биде кулминација на сите мои трагања, музички и просторни. Со нетрпение го очекувам концертот и моите гости кои доаѓаат од разни страни, рече Стефановски и додаде дека е оптимист и очекува добро време за охридскиот концерт.

За Охрид рече дека е место полно со магија, дух, уметност, неверојатна природа и претставува секогаш голема инспирација и возбуда за него.

Одговарајќи на новинарско прашање, Стефановски рече дека еден од мотивите за организирање на овој концерт е за да се спротивстави на „тоа се и сешто што доаѓа и што настапува токму овој датум“.

– И би сакал да ја имаме таа среќа да влеземе во празникот, 2 Август-Илинден, заедно со последните нумери од концертот – рече Стефановски.

Владимир Мандичевски-Манде од Баги комуникации кои се организатори на концертот изјави дека во Охрид ќе има концерт по трите фантастични и успешни концерти на Стефановски во Скопје.

– Она што можеме да ви ветиме дека ќе биде добар, можеби уште подобар од тие три концерти бидејќи имаме и гостин од Грција – рече Манда.

Организаторот најави дека на концертот ќе присуствува и првата жена премиер на Словенија Аленка Братушек. Почетокот на концертот е во 22 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top