| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на Влатко Стефановски во охридскиот Антички тетар

Најпознатиот македонски гитарист Влатко Стефановски вечер ќе има концерт во Античкиот театар во Охрид. Нашиот гитарски виртуоз ќе настапи со гостите и негови пријатели Теодосиј Спасов од Бугарија, хармоникашот Танос Ставридис од Грција, Биља Крстиќ од Србија, Весна Гиновска Илкова и групата „Љубојна“ од Македонија. Посетителите ќе можат да го слушнат неговиот последен проект, албумот „Мајчин јазик“.

– Верувам дека охридскиот концерт ќе биде кулминација на сите мои трагања, музички и просторни. Со нетрпение го очекувам концертот и моите гости кои доаѓаат од разни страни, рече Стефановски минатиот месец на прес-конференција во Скопје. Додаде дека е оптимист и очекува добро време за охридскиот концерт.

За Охрид рече дека е место полно со магија, дух, уметност, неверојатна природа и претставува секогаш голема инспирација и возбуда за него.

– И би сакал да ја имаме таа среќа да влеземе во празникот, 2 Август-Илинден, заедно со последните нумери од концертот, рече Срефановски.

Баги комуникации, кои се организатори на концертот, најавија присуство на првата жена премиер на Словенија Аленка Братушек. Почетокот на концертот е во 22 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top