| четврток, 6 декември 2018 |

„Продадете ги вашите мајки, а не нашата – Македонија“

„Продадете ги вашите мајки, а не нашата – Македонија“. Овој транспарент го направија навивачите на МЗТ Скопје на мечот од АБА Лигата кој се играше во Скопје во понеделникот, против белградска Црвена ѕвезда. „Штрковите” пред своите фанови загубија во дуелот со Црвена ѕвезда, шампионот во АБА славеше во „Јане Сандански” со убедливи 58-92.

Транспарентот се појави во пресрет на преговорите со јужниот сосед и средбите на македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Инаку, актуелниот шампион во АБА лига, кој настапи без повредениот Перо Антиќ, сепак се покажа како пресилен противник и се прошета во Скопје.

„Штрковите“ парираа само во првата четвртина, која противникот ја доби со 18-21. Во вторите десет минути, Црвена ѕвезда заигра одлично во одбрана, му дозволи на МЗТ да реализира само седум поени па на полувреме се замина со резултат 25-40.

Гостите во продолжението од средбата само ја зголемуваа предноста и на крајот славеа со високи 58-92.

Во редовите на МЗТ Скопје прв стрелец беше Андреј Маслинко со 15 поени, а двоцифрен ефект имаше уште и Јуре Лалиќ со 11 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top