Кошаркарите на македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром утре гостуваат во Белград каде за противник го имаат Партизан, екипа која исто така се наоѓа во лоша серија резултати и во текот на неделата го смени тренерот. На местото на Мирослав Николиќ сега „црно-белите“ ги предводи Ненад Чанак.
Нов тренер (десетина дена) има и МЗТ Скопје – Жељко Лукајиќ, кој досега има два натпревари на клупата на „металците“, пораз во АБА лигата од Морнар и победа во домашната лига над Кожув.
– Против Партизан треба да покажеме голема желба за надигрување, како и дел од енергијата која беше очигледна на неодамнешниот дуел со Морнар, а која секојдневно ја гледам на тренинзите. Факт е дека не може да му се заканувате на Партизан во Белград, особено во една ваква ситуација кога и кај нив доаѓа до шок терапија со промена на тренерот. Веднаш се гледа поинаква филозофија во нивната игра, пред сѐ во пристапот. Но, ова е дуел во кој сѐ е отворено. Ќе мора да одиграме цврста одбрана и да го спречиме противникот да не постигнува лесни поени во транзиција и во секундарни напади. Ако ни се укаже шанса сигурно ќе пробаме да изненадиме, за клупскиот сајт изјави тренерот Лукајиќ.
МЗТ Скопје има само две победи во АБА лигата, додека Партизан има за него скормни пет победи. Натпреварот од 12. коло од АБА лигата меѓу Партизан и МЗТ Скопје А. се игра утре од 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.