| четврток, 6 декември 2018 |

Астеруд за Законот за јазици: Се оди многу повеќе од тоа што е договорено и изгласано во 2001

Професорката Каролина Ристова Астеруд на својот фејсбук профил му одговара на колумна на Нано Ружин и пишува дека донесувањето на законот за двојазичност е авторитарно дејствување на власта. Според неа, целата постапка за донесување на законот е авторитарна, истиот е донесен во Собрание без присуство на опозицијата, кога истата е со кривични надглава, а дел од пратениците се притворени.

Дополнително, според професорката законот е донесен без негово гласање од страна на Македонците, кои при гласањето не биле претставени со 51%. Астеруд нотира и дека со законот за двојазичност на делеку е надминат Рамковниот договор и дека со законот се оди многу повеќе од тоа што било договорено 2001 година.

Професорката го почнува својот напис со цитат од квалификациите изнесени од Ружин дека истата била против имплементацијата на Рамковниот договор.

– Епа фино, ај сега, со или без цитирање и покривање со француски интелектуалци (освен можеби Бадинтер?), Нано Ружин нека ни објасни во друга колумна некои работи. На пример, како донесувањето на овој ЗУЈ (Закон за употреба на јазиците) 2018 не е авторитарно кога не било најавено пред избори, а е крупна проблематика, таман изборна. Да ни објасни за неавторитарноста на (скратената) постапка и за (зло) употребата на европското знаменце. Секако, и за тоа колку е неавторитарно да ја исклучиш опозицијата (потписник на Рамковен), стручната, а богами и целата јавност, во подготовката на еден ваков закон. Па да ни објасни и како тоа овој закон се донесе без гласање од опозицијата, а и во време кога опозицијата е во состојбата во која е, со кривични над глава, со притворени, и сето тоа. Случајно или не? Во ред е или не? Може ли тоа во Франција така? Авторитарно или не? Може треба да ни изрефлектира за тоа колку ич не е неавторитарно рамковен/бадинтер закон да се носи без минимум 51% од оние кои гласаат само во прв круг т.е. парламентарното преставништво на етничките Македонци?, пишува професорката Астеруд.

Таа додава дека за ваквите закони уставно треба да се воведе 2/3 мнозинство за гласање во прв круг.

– Ако збориме, нели, за демократија и неавторитарност, ако збориме за немање ниту тиранија на (етничко) мнозинството, но ниту тиранија на (етничко) малцинство, децидна е професорката.

– Во меѓувреме на една измена во такво правец, зар не може тоа да се практикува како прашање на (неавторитарна!) политичка култура? Особено и дотолку повеќе што на (етничкото македонско) мнозинство му се одзема референдумот за закони по Бадинтер во 2005, исто на уставно-правно незаснован начин, но ете, за да се запази суштината и духот на Рамковен, да не смее закони донесени по Бадинтер да се поништуваат на референдум и со мајоризација. За тоа, ете, се нашло и се имало неавторитарна политичка култура, иако и тоа со неадресирање на референдумскиот инструмент беше пропуст на Рамковен, не дека не беше. Но, ако за тоа се имало волја, да се запази духот и смислата на Рамковен, како за ова сега се ќути и се глуми лудило? Онака, баш неавторитарно, а и бајаги ферски и неселективно, нели?, прашува Астеруд.

– Конечно, нека седне Нано Ружин, ЗУЈ во една рака, Рамковен и уставен амандман 5 во другата рака, точка по точка, член по член, став по став, и нека ни објасни баш дали се што гледа во ЗУЈ е навистина доимплементација на тоа што е договорено во Рамковен, како што и самиот тврди, или има нешто повеќе, многу повеќе во „пакетот” на законот, продолжува професорката.

Таа вели дека така може и ќе заклучи и самиот Ружин дека се работи за чиста злоупотреба на Рамковниот , дека се оди многу повеќе од тоа што е договорено и изгласано од сите, вклучително и парламентарното преставништво на Албанците во 2001, а и дека содржи низа други правни небулози кои „живот значат„ за граѓанството.

– Ако Собранието самото не си санира сега, по ставеното претседателско вето. Па уште ако дојде до спроведување, тек тогаш се само ќе си се покаже, сите небулози, и се другото за кое се предупредува. Сето тоа и еден таков напор од страна на Нано Ружин не би било никаква „тиранија на интелектуалците”, туку баш манифестација на неавторитарен однос кон граѓанството, верба во неговото право да ги има сите информации и анализи , уште повеќе во неговата способност да расудува и одлучува. Е сега, некои за тие и такви категории, дали за Рамковен, дали за устав, дали за слобода, дали за демократија, дали за права, дали за авторитарност, за што и да е, ги менуваат ставовите и перцепциите во зависност од позициите на кои се, некои други не го прават тоа, независно дали бил Груевски или некој друг на (авторитарна) власт, дали „туѓата” или „неговата/нејзината„ како што ептен се демаскира деновиве, ако не и месециве, завршува Астеруд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top