| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на ликовните педагози Владимир Лазоски и Харалампие Манчев

Во Кинотеката на Македонија беше отворена изложба на дела од Владимир Лазоски и Харалампие Манчев, организирана од Здружението на ликовни педагози на Град Скопје и Детскиот ликовен центар кој е во состав на Кинотеката.

Лазоски учествува со дваесетина слики изработени во акрил од циклусот „Сонување“, а Манчев на изложба „Форми во боја“ се претстави со 12 скулптури во обоено дрво.

Со овој вид уметност Манчев се занимава 15-ина години и работи со различни возрасни категории – од деца во градинки до студенти.

– На изложбава гледав да се претставам со нешто што може да ги привлече децата од предучилишните установи и од основните и средните училишта, рече Манчев.

Неговиот колега Лазоски за насловот на циклусот слики „Сонување“ истакна дека секој човек сонува и на свој начин има видувања кои ги претставува или преку музика, театар или со четката.

Тој е во пензија, а 40 години бил наставник по ликовно образование во ОУ „Кочо Рацин“ во Скопје. Во четириесетте генерации деца на кои им предавал имало талентирани кои продолжиле на академија, а меѓу нив има, рече, и познати ликовни уметници. – Со мојот труд сум ставил нешто, едно мало камче во мозаикот на уметноста, додаде Лазоски.

Нивната изложба во галеријата на Кинотека ќе биде поставена до 25 јануари, а денеска ја отвори в.д. директорот на Кинотеката Владимир Ангелов.

– Ќе употребам филмска конотација за овие двајца уметници. За мене тие се како Бетмен и Робин.  Се поддржуваат, работат и некогаш знаат и да се скараат, но ликовните дела и организирањето проекти секогаш ги прават на највисоко професионално ниво, рече Ангелов за двајцата ликовни уметници и педагози.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top