Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна го објави романот „Писателот оддалеку“ на еден од најнаградуваните и најафирмираните современи српски писатели Владан Матијевиќ, во превод од српски јазик на Ленче Тосева. За овој роман Матијевиќ е добитник на наградата „НИН“ за 2003 година.
„Писателот оддалеку“ е пародичен, ироничен, зајадлив, сурово реалистичен роман. Во него авторот си поигрува со романескните конвенции, се потсмева со писателот кој пишува роман за да ја добие наградата за роман на српската фабрика за шеќер. Но се поигрува и со постмодерните дискурси на раскажување. Тоа е приказна за писателот шарлатан кој се бори да се прослави како писател, а тоа исмевање всушност е и потсмевање на масовното „штанцање“ романи, на ароганцијата на читателите и на суетата на писателите. Главниот лик во романот е српскиот писател Џони Глинтиќ, кој зад гротескните кулиси за време на бомбардирањето и избегнувањето на мобилизација во 1999 година, пишува роман, со намера да ја добие угледната книжевна награда. Оваа пародија за пишувањето роман за награда отсликува многу реални квазикнижевни и квазииздавачки ситуации.
Владан Матијевиќ (1962, Чачак, Србија) е најнаградуваниот српски писател во 21 век – добитник е на највисоките книжевни награди во својата држава. По образование е инженер технолог, а осумнаесет години работел во фабрика за базна хемија. Без поголеми книжевни претензии, во осумдесеттите години на минатиот век почнал да пишува поезија, но откако во 1991 година ја објавил својата прва поетска книга (што самиот го смета за свој пресвртен настан), посериозно се занимава се литературата и подоцна почнал да пишува и проза. Ги објавил книгите со песни Не нарушувајќи го распаднатото (1991) и Самосведување (1999), книгите со раскази Прилично мртви (2000, Андриќева награда) и Пристаништа (2014), романите Вон контрола (1995), Р. Ц. Неминовно (1997 и 2017 – нова верзија), Часови на радоста (2006) и Писателот оддалеку (2003, награда „НИН“), Многу малку светлина (2010, награда „Меша Селимовиќ“), Средби под необични околности (2016), драмите Жилави парчиња (2009), есеите Мемоари, амнезии (2012)…
Повеќето негови книги се реиздавани. Писателот оддалеку има четири изданија на српски јазик. Романите му се преведени на неколку јазици – француски, германски, шпански, италијански… Досега на македонски јазик му се објавени романите Часови на радоста (издание на „Македоника литера“) и Многу малку светлина. Некои негови раскази се преведени на десетина јазици. За неговото творештво се напишани голем број критики. Снимени се и два документарни филма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“од Ангелина Поповска
-
Промоција на книга раскази за Ново маало од Владимир Плавевски
-
Промоција на книгата „Љубовта на Генерал Ш“ од Лира Бојку во Паркот на книгите
-
Промоција на збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски