| четврток, 6 декември 2018 |

Тирана и Софија аплаудираат, а во Македонија владее разочараност од политиките на владата на Заев

Ако по нешто остане запаметена сегашната Влада на Зоран Заев и СДСМ тоа ќе биде претераната и во многу наврати непотребна попустливост која оди на штета на македонските национални интереси. Попустливоста на Заев ги погази македонските национални интереси при потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, прифаќањето на Тиранската платформа со цел добивање на мандат за формирање влада како и интензивирањето на преговорите за проблемот со името.

Тиранската платформа, од платформа која според наводите на тогаш опозициската СДСМ беше непостоечка, стана платформа за формирање на влада за сега да стане основа на политиките на СДСМ.

Пред формирањето на владата и во екот на протестите ‘’За заедничка Македонија’’, неретко високи функционери и пратеници на СДСМ велеа дека платформата не постои и постои само во главите на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Сега ниту еден од овие негатори не се дрзнува да го негира постоењето на Тиранската платформа, а секој од нив е активно вклучен во нејзиното остварување. За болката да биде уште поголема за македонскиот народ, премиерот на Албанија Еди Рама истури сол на рана и изјави ,, Мојата партија е заслужна за официјализирањето на албанскиот јазик во Македонија’’.  Премиерот на Албанија, Еди Рама, го оцени усвојувањето на законот за употреба на јазиците во Република Македонија како голем настан, кој што пред неколку години не можел ни да се замисли за време на конференцијата на Младинскиот форум на неговата Социјалистичка партија.

Неуставниот закон останува да добие одобрение од претседателот Иванов, кој во своето новогодишно обраќање во Собранието на Република Македонија рече дека имал консултации со правни експерти, уставни судии, академици, универзитетски професори и лингивсти. Според него  овој предлог-закон го крши најголемиот закон на државата, а тоа е Уставот на Република Македонија. Кога ќе се прекршат големите закони, не добивате ниту слобода, ниту анархија. Наместо тоа, добивате многу мали закони, за да го оправдаат кршењето на големите закони.

Овој закон наиде на огромна критика од стручната јавност. Професорките Силјановска, Груеска-Маџовска и Ќулавкова испратија отворено писмо со нотирање дека истиот е незаконски и неуставен и дека не треба да биде усвоен од парламентот, а ако истиот се усвои дека истиот треба да биде пречекан со вето од страна на Иванов. Критика на законот дадоа и професорките и поранешни високи функционери на СДСМ, Ана Павлова Данева и Каролина  Ристова Астеруд.

Антидржавните дејанија на СДСМ во изминативе неколку дена се толку многу што веќе ниеден новинар, ниту аналитичар може да ги забележи и анализира. Па така по гласањето на законот за двојазичност во Собранието уследи ратификација на асиметричниот договор со Бугарија.

Ратификацијата на договорот за добрососедство со Бугарија подеднакво лошо беше пречекана во македонската јавност која повторно се почуствува загрозена и навредена од овој договор. Од друга страна договорот наиде на огромна радост и задоволство кај бугарската  страна.

Европратеникот на Бугарија, Ангел Џамбаски, познат на македонската јавност по провокациите и негирањето на Македонија го поздрави договорот. Тој при посетата на Скопје за време на панихидата за Мара Бунева изјави дека овој договор дава можност да нема граници од Охрид до Црното Море.

Македонската страна се согласи дека ќе се формираат комисии се со цел менување на македонската историја, но во исто време Македонија се откажа од заштитата и поддршката на Македонците во Бугарија како и од македонскиот јазик и на тој начин ја уништи долгогодишната борбата на нашето малцинство што се наоѓа во границите на Бугарија.

Воодушевување од договорот изрази и бугарскиот националист Божидар Димитров кој рече дека не очекувал дека ќе го доживее овој ден.

Договорот беше поздравен и од најголемиот националист во Бугарија, Вицепремиерот на бугарската влада и министер за одбрана, Красимир Каракачанов.

Во изминатиов период се интензивираа и преговорите за промена на името односно како што владините претставници во повеќе наврати сакаат да кажат постои доза на оптимизам за решавање на спорот.

Поздрав дојде и од Москва, имено министерот за надворешни работи на Русија рече дека за Русија прифатливо е секое име кое ќе го договорат двете страни.

Граѓаните се разочарани од политиките кои ги води Заев и владата предводена од СДСМ. Со право јавноста се запрашува за чии интереси работи новата влада, економијата веќе 6 месеци е во слободен пад, здравството поради партиски препирки неколку месеци беше без министер, а пациентите не ја добиваа редовно терапијата, Министерство за животна средина и просторно планирање го доби најмалиот буџет досега додека загадувањето е на рекордно ниво. Пропаднаа и обидите за реформи во судството, експертите и партиски гласноговорници на СДСМ еден по еден даваа оставки од советот за реформи во судството, а видни граѓани и политички неистомисленици на Заев ги наполнија затворите поради својата љубов кон татковината. Додека Македонија ги живее овие тешки моменти и за време на сите овие случување премиерот е на скијање во Италија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top