Активистичкото улично списание „Лице в лице“ ја прошири својата продажна мрежа надвор од Скопје, и со поддршка на Центарот за помош на лица со ментален хендикеп – „Порака Неготино“ од Неготино, магазинот кој им помага на ранливите категории на граѓани, на лицата со посебни потреби и кој прави нивна инклузија во општеството, е достапен во директна продажба и за неготинчани.Промотивниот настан се одржа во салата на Совет на Општина Неготино, каде гостинка беше пејачката Кристина Арнаудова која ја даде својата поддршка за магазинот и за продавачите.
„Воодушевена сум од целата идеја и од концептот на магазинот „Лице в лице“, кој им помага на најранливите категории, и тоа не само во Скопје, туку сега еве и во Неготино. Затоа и ми е драго што сум дел од сето ова, и што сум сега во мојот град. Слушав навистина убави приказни за луѓето кои се вклучиле во продажбата на магазинот. Ќе ги поддржувам сите иницијативи на „Лице в лице“ и ги повикувам сите познати личности да се вклучат во ова – рече Арнаудова, која својата поддршка ја даде неодамна и во Скопје, на промоцијата на 5-от број на магазинот „Лице в лице“, која се случи во Старата скопска чаршија,“ изјави Арнаудова.
Координаторката на Регионалната платформа за Македонија, Климентина Илијевски рече дека после Скопје, на Белград, Приштина,Сараево и Нови Сад сега се приклучува и Неготино со „Лице в лице“, а сите заедно пак, се дел од Меѓународната мрежа на улични весници (ИНСП).
По промоцијата во салата, Арнаудова, заедно со продавачите на магазинот и со тимовите на „Лице в лице“ и на „Порака Неготино“ прошетаа низ повеќе локации во градот, претставувајќи им го магазинот на неготинчани. Голем дел од жителите на овој град ја дадоа својата поддршка на продавачите, а веќе ги имаме и првите претплатници од таму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.