Жители на неготинско Тимјаник не сакаат деца со посебни потреби да бидат сместени во нивната околина. Тие објавуваат повик за масовен протест кој треба да се одржи утре, за кога Министерството за труд и социјална политика најавија дека три деца со посебни потреби од Специјалниот завод Демир Капија ќе бидат сместени во мал групен дом во Неготино, а потоа до крајот на месецот, четири деца од заводот ќе бидат сместени во мал групен дом и во село Тимјаник, дел од жителите организираа протест против оваа одлука.
Стотина жители од селото, но и од Неготино, во петокот излегоа на протест и го блокираа патот Тимјаник – Дисан во траење од еден час, во знак на револт на одлуката на министерството. Нивните образложенија се дека немаат ништо против децата со попреченост, но наводно, приоритет им е да се отвори детска градинка во селото, наместо групни домови.
Исто така, коментираат дека објектот кој се наоѓа на среде село не е најпогоден за таква намена. Сепак, помеѓу револтираните селани, има и такви кои велат дека првично се плашат од децата кои ќе бидат доселени, и се загрижени за безбедноста на своите деца. Најавуваат уште протести во иднина. Предрасуди, страв од непознатото, но и отсуство на сочувство кон овие деца е генералниот впечаток од реакциите на жителите на Тимјаник.
Утре, во Неготино ќе бидат донесени трите деца од заводот, кои ќе бидат сместени во државен објект, познат како старата зграда на социјалната служба.Станува збор за деца на возраст од 10 до 16 години, од кои дури две се во количка.
Жителите на Тимјаник, јавно повикаа на масовност за време на средбата, со цел да и кажат на министерката дека се против одлуката за доселување на децата, како што потенцираат, во интерес на иднината на нивните деца.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.