
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
Според антиката, постои така наречен ‘свет на идеи‘, еден вид космички трезор на скриени знаења од каде секој може да си земе што сака и колку сака. Во денешно време, овој трезор од космосот се пресели во фамозното зборче ГУГЛ (google)и доби материјален облик во вид на компјутер, сателитска антена, кабел за вмрежување…
Како и да е, денес богатството повеќе не се мери во штангли злато коишто лежат како недвижнина во добро обезбедени, најчесто швајцарски банки, туку во ИНФОРМАЦИИ! Информации коишто човечкиот мозок ги собира, ги процесуира и им дава облик на знаење. Не ретко во вид на еден куп противречности коишто секојдневно протрчуваат низ маратонската патека наречена живот.
„На еден јапонски остров научници правеле експерименти со група мајмуни. Им фрлале слатки компири во песокот со цел да го проучуваат нивното однесување. Мајмуните ги земале компирите и јадејќи ги го забележувале непријатниот спореден ефект на песок меѓу забите. Еден од мајмуните, полукав од другите, се досетил и отишол со компирот до блискиот поток да го измие. Љубопитни по природа, останатите мајмуни го посматрале да видат која му е намерата. Кога виделе дека вкусот на компирот без песок е подобар, сите го направиле истото.
Кога истражувачот повторно им фрлил компири на мајмуните во песокот, тие директно отишле на потокот да ги мијат. Така направиле сите, додека стотиот меѓу нив, Никола Тесла меѓу мајмуните, не отишол кај потокот туку го измил компирот во солената вода од морето. Му било јасно дека компирот ќе биде уште повкусен заради солта.
Но, тогаш се случило нешто интересно, бидејќи сега не го имитирале само останатите мајмуни на островот, туку и мајмуните на островот одалечени 90 километри. И тие, откако им биле фрлени компирите, оделе директно да го мијат во морето. И на копното се случувало истото. Со помош на стотиот мајмун е собран доволен потенцијал на енергија за да се пренесе оваа мисла на сите мајмуни на соседните острови…“
Критична маса. *
Тоа значи дека кога доволен број луѓе на светов би достигнале одреден процес на мисли и чувства и повисок степен на свест, тогаш би му било поедноставно на останатиот дел од човештвото да го направи истото тоа, бидејќи е веќе изграден одреден потенцијал од страна на ‘визионерите‘кој автоматски се пренесува на остатокот – да речеме, еден ја измислува електричната ламба, но потоа таа се користи насекаде, во најодалеченото село на светот, како и во густо населените места на планетава … Поголемиот број луѓе се прашува – што можам да направам јас како единка….?“
Деновиве гледајќи го преносот од плоштадот Таксим во Истамбул, многумина си го поставуваа тоа прашање. Особено кога одеше она гласно молчење. Денес кога револуциите се изведуваат во духот на перформанси од кој се врши директен пренос, во живо.
Ако ништо друго, поединецот може да знае. Да истражува и да се сомнева во сè додека не дојде до вистината. Човекот има инстинкт да ја намириса и да ја препознае.
Секојдневно, користејќи ги сите предности на нашата цивилизација, од обичните телеграфски услуги, се прашувам, дали кога соборува некој рекорд или кога прави еволутивен скок во некоја област, човекот само ги истражува безграничните можности на креативната моќ во Себе и создава, без да мора милион пати да го препливува океанот на сплав? Дали е тоа суптилна еманација на некаква божествена семоќ во светот на технолошките достигнувања? Дали е Бог жив во жиците онака како што живее во човечките тела?
Во истиот миг на екранот оди рекламата за најновиот проект на компаниите што се занимаваат со пренос на звучните вибрации на далеку – наречен антителефон – со овој најнов модел ќе може да се зборува со некој во минатото. Времето станува простор а оддалеченоста како на шала се премавнува, за миг… Што би рекол Паскал, „природата е бесконечна сфера чиешто средиште е секаде, а кружницата е никаде…“ Нејсе, следната мисла надоаѓа со сила на цунами: на кого да му се јавам во минатото? Или во иднината? Уште пред да се појави антителефонот во некоја од продавниците во градскиот трговски центар, пред или после барокот?… Чисто да заокружиме некој муабет?
* По дефиниција, тоа е најмалото количество на неутрони потребно за одржување на ланчаната нуклеарна реакција!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


