| четврток, 6 декември 2018 |

Синиша Евтимов во Театар Комедија ја подготвува претставата „Жена ми се вика Борис“

Во Театар Комедија се подготвува претставата „Жена ми се вика Борис“, чиј режисер е Синиша Евтимов.

„Жена ми се вика Борис“ е модерна фарсична комедија, дело на Рафи Шарт, еден од најпознатите современи француски комедиографи, чии текстови доживуваат неверојатен успех на театарските сцени ширум светот. Познат по своите прецизни заплети, тој е еден од легитимните наследници на Жорж Фејдо. Неговата провокативна лиценца поетика лесно комуницира со публиката, а неговите карактери се огледало на животот што го живееме.
Комедијата „Жена ми се вика Борис“, со оригинален назив „Жена ми се вика Морис“ доживува и филмска верзија и тоа со забележителен успех. Инаку, овој современ текст ги ревидира моралните кодекси на однесување, во еден наш, локализиран простор и менталитет. Основните теми во оваа комедија се проблемите на обичниот човек, емоциите, прељубата, лагите, интригите, либидото и тие се вонвременски.
Приказната се врти околу едни сопружници Алек и Марија Топкареви, навидум нормален пар. Тие се обидуваат да го продадат станот во кој живеат…
– Со оваа комедија Театар Комедија ќе добие една таканаречена Додадена вредност кон богатиот репертоар, а публиката ќе види една современа хит претстава со: калабалак од заплети, замена на идентитети и мноштво луди ситуации кои се одвиваат со неверојатна брзина – велат од Театар Комедија.
Сценографијата на претставата е Орхан Ќамилов, костимографијата е на Александар Ношпал.
Во претставата играат: Сашо Ристовски, Роберт Ристов, Мими Поповска – Ристов, Александар Михајловски, Жаклина Петровска, Столе Мицов, Ева Скендеровска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top