Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од јануари следната година ќе тргне во одбрана на правото на авторот, независно дали е новинар, фоторепортер или снимател со цел неговиот труд да биде платен и заштитен.
Ова на денешната прес-конференција го порача претседателката на Синдикатот Тамара Чаусидис која посочи дека ССНМ ќе понуди правна помош за секој што ќе се обрати до нив, а ќе се соочи со повреда на авторските права.
– Преземање на фотографии или авторски текстови како колумни без дозвола од авторот е казниво и ССНМ ќе застане зад сите оние кои сметаат дека се оштетени со правна помош и застапување на суд, рече Чаусидис.
Повредата на авторското право е една од најчестите повреди особено во онлајн сферата и поради тоа Чаусидис посебно упати апел до порталите да го искористат периодот до јануари да пронајдат модалитети за пополнување на сопствените содржини без притоа да ги прекршуваа авторските права.
Таа особено ја потенцира повредата на авторското право во однос на фотографиите со оглед на тоа што тие се единствен медиумски производ што со своето настанување има статус на авторско дело. Посочи дека тоа значи дека не постои фотографија која не е заштитена со авторско право.
Почитувањето на авторските право е една од темелните принципи на новинарската етика, но и законска обврска. Таа обврска ја наложува првенствено Законот за авторски права, но е содржана и во Кривичниот законик, а медиумите дополнително се должни да ги почитуваат правата на другите автори и врз основа на етичките правила на професијата.
Чаусидис рече дека Синдикатот нема да врши мониторинг врз медиумите и каде се нарушени авторските права, туку ќе очекува од новинарите и другите медиумски работници самите да се обратат до него доколку евидентираат такво прекршување.
Зоран Ричлиев, член на ССНМ, посочи оти е погрешна перцепцијата во јавноста дека за онлајн медиумите не важи ниту еден закон и додаде дека проблемот е примената на законските решенија.
– Евидентна е културата на неказнивост на престапите кај онлајн медиумите. Некогаш причината е инертноста на институциите, некогаш неразбирањето на оваа релативно нова сфера, анонимноста на ентитетите, а некогаш штетната заблуда дека за онлајн сферата не важат законите бидејќи не се регулирани со медиумските закони, истакна Ричлиев.
Тој посочи дека со овој апел на ССНМ се оди во насока да се направи разлика меѓу важните од лажните, меѓу оние кои навистина создаваат содржина и тие што бесправно заработуваат од туѓ труд.
Посочи дека почитувањето и примената на законите ќе придонесе за зголемување на вредноста на авторската содржина и ќе ги стимулира авторите самостојно да креираат поквалитетен новинарски продукт.
Фотографот Роберт Атанасовски исто така член на Синдикатот, вели дека крадењето на фотографиите е појава со која што се соочува околу шест години и оти е потребно регулирање на оваа проблематика. Нагласува оти е неблагодарно некој кој и по пет часа чека да направи добра фотографија потоа да се соочи со ситуација тоа негово авторско дело да биде украдено од другите медиуми и прикажано како нивно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Синдикатот на Клинички центар бара ист коефициент за зголемување на платитекако за специјалистите
-
Независниот синдикат на полицијата го обвини МВР за кршење на меѓусебниот договор
-
Митревски: Конгресот на ССМ од нелегитимното раководство е прогласен за нелегитимен и од страна на Светската и Европската конфедерација на синдикати
-
Дипломатите се оградуваат од синдикатот на Сашко Тодоровски и од неговите лични политички ставови