Вечерва, во 20 часот, во „Менада“ (Стара скопска чаршија) ќе се одржи промоцијата на романот „Одбројување“ од Фросина Пармаковска во издание на „Или-или“. Промотори на романот ќе бидат Лидија Капушевска Дракулевска и Далибор Плечиќ.
Фросина Пармаковска е родена во Скопје, 1985 г. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а магистрирала на Културолошки студии, на Институтот за македонска литература. Во 2013 година го објавува својот прв роман „Пишувајќи ги изгубените топки“. Наредната, 2014 година, во издание на „Или-или“ е објавен нејзиниот втор роман „Вишнова хроника“, кој влегува во финалето за наградата Роман на годината на „Утрински весник“. Овој роман е преведен на бугарски и на украински јазик. Фросина Пармаковска е автор и на една книжевно-теориска книга со наслов „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“, 2016 год., во издание на „Или-или“.
Лидија Капушевска Дракулевска (1962) е редовен професор по предметот Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Член е на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија, на Европската мрежа за компаративни проучувања (REELC/ENCLS) и на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност (AILC/ICLA). Објавува есеи и студии од областа на книжевната фантастика, толкување на поетски текстови и компаративно проучување на книжевните феномени (македонската литература во европски контекст, имагологија, интеркултурни релации, меморија и уметност…).
Далибор Плечиќ (1979., Струмица) дипломирал Општа и компаративна книжевност во Скопје на тема „Научна фантастика во книжевноста“. Завршил мастер студии во Белград по Библиотекарство и информатика. Освен со книжевната критика се занимава и со пишување проза ( романот Буники, раскази и есеи), сценарија за стрип и филм и со преведување. Пишува за списанието „Бетон“ од Белград и „Hype and Huper“ од Будимпешта.
„Романот ’Одбројување‘ на Фросина Пармаковска е исклучителен од неколку аспекти. Освен тоа што ја отвора проблематиката на современиот македонски хронотоп, отвора уште една ’табу тема‘ во македонската книжевност, навидум обична и банална, темата на бракот и семејството. Пармаковска ни ја открива оваа сложена, слоевита, болна и трауматична тема низ гласот на единствениот женски наратор, кој истовремено е и централен лик на романескната приказна.
Се работи за жена која што млада влегува во брак, а со тоа влегува и во мрежата на семејното и психолошкото насилство. Ова е особено нагласено во првиот дел на романот, кој е истовремено естетички, поетички, наративно и психолошки најсилен – извонредни внатрешни монолози и внатрешните фокализации на женскиот субјект по однос на машкиот свет на доминација, контрола и беспоштедна тортура; извонредни описи на опкружувањето и атмосферата, како и извонредни психологизации на машкиот субјект кој е објект на женската фокализација (сопругот кој никогаш не се именува со име, туку со фразата ’мојот маж‘).
Женскиот субјект е фатен во стапицата на неиздржливо насилство и подготвува своето бегство. Вториот и третиот дел на романот го менуваат ракурсот: акцент се става на централната, но и паралелната приказна (на свекорот и свекрвата) каде што Пармаковска отвора уште една горлива тема, темата на македонскиот (или балканскиот тип на патријахалната, патро и андро центричната устроеност на семејствотото).
Пармаковска ја води нарацијата со осет на даровит раскажувач. Нарацијата во вториот дел на романот е аналепса или враќање во времето пред приказната во првиот дел. Вториот дел е исто така обид да се изведе една паралелна приказна што ќе служи како огледало на првата и што дополнително ќе ги усложнува значењата. Овој дел исто така има и нагласен, критички и ангажиран тон кон современата македонска стварност, момент на кој многумина повозрасни македонски писатели никогаш не се осмелиле да го направат во своите писанија.
Третиот дел на романот претставува своевидно поништување на минатото (време) во нарацијата во првиот и вториот дел. Овој дел е женско писмо, ecrtiture feminine. Овде се потврдува тезата дека женската субјективност, женскиот род како конструкција и женското искуство диктираат сосема поинаква шема на заплетот и поинакво организирање на почетокот и крајот на прозниот текст.
Психоаналитички гледано, женското задоволство, за разлика од машкото поврзано со спласнување и празнење кон состојба на хармонија, се поврзува со односот кон другиот, со отворање чиј стремеж не е насочен кон крајот како спокојство, туку кон повторен почеток како константа на овој тип искуство“, напиша Славица Гаџова Свидерска, книжевна критичарка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.