За понеделник, 25 декември, во 11.30 часот Апелациониот суд ја закажа јавната седница на која треба да одлучува по жалбата на адвокатите на премиерот Зоран Заев. Истиот ден кога апелационите судии треба да расправаат дали видеото од посебните истражни мерки, кое беше објавено на „Јутјуб“, може да биде доказ во постапката во кривичниот суд е закажано судењето за случајот „Поткуп“ во кој Заев е обвинет за примање поткуп.
Претходната расправа во Апелациониот суд по жалба на адвокатите на Заев беше одложена на неопределено време. Еден од адвокатите на Заев, Ване Андреев, пак, за „Макфакс“ изјави дека очекува судењето за Заев во кривичниот суд да биде повторно одложено бидејќи апелационите судии сè уште не одлучиле за жалбата за ПИ-мерките, а и самиот предмет не се наоѓа во кривичниот суд.
Според обвинителството, Заев, во својство на службено лице, градоначалник на Струмица, од струмички бизнисмен побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица, за кое бизнисменот бил заинтересиран да го приватизира. Во обвинението пишува дека една половина од парите требале да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.