| четврток, 6 декември 2018 |

Ново правило: професорите ќе бидат подложени на психотестови

spiro ristovski

Наставниците во основното и професорите во средното образование, кои треба да полагаат приправнички испит, имаат законска обврска да положат психолошки тест во согласност со Законот за основно и за средно образование, најави министерот за образование и за наука Спиро Ристовски одговарајќи на новинарско прашање на денешната конференција за печат по повод реконструкцијата на спортските сали во основните училишта во општина Аеродром.

– Психолошко тестирање е обврска во согласност со Законот за основно и за средно образование, кое сега влегува во сила. Со психолошкото тестирање е планирано да бидат опфатени сите наставници во основно и професори во средно образование, кои предаваат и кои треба да полагаат приправнички испит – рече Ристовски и додаде дека психолошкиот тест е услов за да полагаат приправнички испит.

Ова, според министерот, е исклучително значајна реформа бидејќи, како што истакна, лицата што работат со учениците треба да имаат соодветен квалитетен профил и треба да ги градат учениците во вистински личности.

– Со психолошкиот тест очекуваме многу да се зголеми квалитетот во оцената на тоа кои личности може да работат со деца и кои личности не може да работат со деца. Имено, ако не се положи психолошкиот тест тие лица не може да продолжат со приправничкиот стаж, односно им прекинува работниот ангажман – нагласи Ристовски.

Според него, постоењето на еден ваков тест ќе ја расчисти сликата и потоа нема да се доведуваме во ситуации да имаме немили или непромислени потези од определени наставници во однос на дечињата.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со одредени забелешки од родители во врска со екстерното оценување, министерот Ристовски апелираше до родителите и до учениците што имаат какви било забелешки поврзани со прашањата или содржината на тестовите од екстерното тестирање да упатат известување по електронска пошта или лично да достават до Државниот испитен центар.

– Подготвени сме да ги разгледаме и да се соочиме со тие прашања, кои за нив создавале дилеми. Јас не би сакал да квалификувам, ниту да давам оценки, затоа што, можеби, станува збор за погрешно пренесување на дел од наставната програма, а можеби некои наставници надвор од она што е наставна програма одлучиле да прескокнат делови што се содржински составен дел на определен учебник – рече министерот.

Во контекст на тоа додаде дека во оваа фаза не може да даде конкретен одговор по овие дилеми, но, како што рече, МОН е отворено за сите сугестии и забелешки во тој дел.

– Доколку има какви било забелешки очекувам родителите и учениците да се обратат до Државниот испитен центар. Сериозно ќе ги разгледаме забелешките и доколку констатираме дека се реални и навистина создале проблем во решавањето на тестовите кај децата можно е истите да бидат предмет на дополна анализа, рече Ристовски и додаде дека ако се констатира дека прашањата не се дел од наставна програма автоматски може да се дисквалификуваат од вкупниот број на прашања кои се предмет на екстерното тестирање.

Министерот рече дека екстерното тестирање ќе има многу корекции во текот на следната година, а една од забелешките што ја добиле е да се создаде можност самите ученици веднаш по завршувањето на тестирањето да го видат резултатот. Тој додаде дека сега постои можност за увид во тестовите, односно дека родителите и учениците треба да се обратат до соодветната комисија во училиштето.

– Нашата интенција е в година тоа да биде многу побрзо и потранспарентно и е една од фазите што ќе биде преземена во насока на корекција на тоа што беа забелешки од досегашното спроведување на екстерното тестирање – нагласи министерот за образование.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top