Несреќна изјава, скандалозна и изненадувачка, а на моменти и разочарувачка, е првичната оценка на Спиро Ристовски, поранешен министер за образование, по најавите на новата министерка за блокада на Кембриџ програмата во образованието.
Сепак станува збор за министер за образование кој само неколку дена е на својата функција и само после неколку дена јас ја разбирам потребата од излегување и Пи-Ар настап. Меѓутоа ние во изминативе четири, пет дена ние не слушнавме ништо од министерката што ќе понуди за подобрување на образованието, како мерки кои нејзината партија ги најавуваше, напротив ние пет дена слушаме мерки за укинување и антиреформи, изјави Ристовски во вестите на телевизија Алфа.
-Исклучително сум разочаран од изјавата на министерката поради причина што станува збор за еден значаен проект кој се спроведе во Македонија пред се во областа на проучување на математиката и природните науки, тоа се двете науки во кои Македонија со години наназад покажува континуитет на намалување на квалитетот и од таа причина ние се одлучивме на ваква соработка со универзитетот Кембриџ. За нас е поразително што СДСМ се уште не е излезен од филмот дека е опозициона партија, сега е одговорноста кај нив сите овие антиреформски чекори кои имаат директно влијание врз учениците на еден начин ќе нанесат штета на генерации и генерации ученици- потенцираше Ристовски, кој порача министерката да се консултира со сите нејзини советници и дека нема да се движи по она што се нивни размислувања додека беа во опозиција.
Во врска со укинувањето на екстернто тестирање, Ристовски објасни дека било воведено исклучиво со намера да ги изменат влијанијата врз успехот и оценките на учениците.
-Ние имавме многу јасен став по однос на тоа, јас повторно ќе го кажам истото. Значи, мене ми е јасно дека во даден момент заради извесна домашна релаксација, во моментов ќе овозможи да бидат семејствата поедноставно кажано релаксирани, децата нема да учат, нема да се прави екстерното тестирање и слично. Екстерното тестирање во Македонија беше воведено исклучиво со намера да ги на еден начин измени стандардите, ако може да се наречат стандарди на влијание на успехот и оценките на учениците. Ако се вратите години наназад ќе видите дека во Република Македонија во најголем процент во училиштата имавте неосновано скроз одлични ученици, од петти до десетти јуни во самото училиште имаше повеќе родители отколку ученици, кои што доаѓаа да ги корегираат оценките на своите деца. Нашата цел беше да се зголеми квалитетот и објективноста во оценувањето кај самите ученици- изјави Ристовски кој посочи дека е разочарувачки што СДСМ доаѓа, го укинува, а не понудува никаква друга мерка за подобрување на квалитетот во образованието.
-Ние никогаш не рековме дека со една мерка може тоа да успее, никогаш не рековме дека екстерното какво што ние го понудивме беше идеално и непроменливо, напротив ние лани врз основа на консултациите што ги направивме повторно го променивме. За мене е разочарувачки тоа што СДСМ доаѓа, го укинува, а не понудува никаква друга мерка за подобрување на квалитетот во образованието. Веќе една недела се занимаваат само со ретроградни процеси во образованието, а во ниту еден момент, јас не сум слушнал позитивна изјава, што тие ќе направат за подобрување на квалитетот. Екстерното тестирање се спроведува во триесетина земји во Европа, секоја земја свои карактеристики, свој начин на работа. Меѓутоа, тоа е процес кој што постои и треба да постои- изјави Ристовски.
Тој кажа дека по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе се имплементираат голем број мерки кои ќе го подобрат образовниот процес.
– Ние како политичка партија никогаш не сме функционирале да печалиме евтини политички поени, како што тоа го прави СДСМ. Ако сакавме мирна вода како што вели народот, немаше ниту една од овие мерки да ја спроведеме, а сето тоа ќе резултираше продлабочување на лошиот квалитет на образованието во Република Македонија- изјави Риствоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.