Отворање на самостојната изложба „Визуелни сеќавања“ на Александра Мириќ од Ниш, Србија, на 01 декември (петок) со почеток во 19.00 h во Сала 1 на Музеј на град Скопје. Изложбата ја сочинуваат два циклуси („Места“ и „Чувства“), 40-ина дела со различен формат создадени во текот на нејзиниот седумгодишен живот на релација помеѓу Србија и Прованса.
Проектот „Визуелни сеќавања“ на Александра Мириќ (архитект – конзерватор, специјалист за споменици на културата) претставува материјализација на искусеното, технолошки канал за пренесување на нејзините емотивни сензации и доживеани наративи. Преку двата циклуса („Места“ и „Чувства“), авторката визуелно ги отелотворува просторот, луѓето, чувствата и мислите што ја опкружуваат, обземаат и напуштаат со заокружување на една важно и бурно животно поглавје – маркација на нејзиниот личен и професионален развој. Се работи за дела создадени во тек на нејзиниот седумгодишен живот на релација помеѓу Србија и Прованса и делата што сé уште ги создава носејќи го тоа искуство.
Нејзините слики ги карактеризира едноставност и читливост. Транспонирајќи го прецизниот линеарен цртеж преку хиперреалистичен филтер, таа лесно остварува директна комуникација со набљудувачот. Со користење на интензивен колорит и разиграни, детално разработени форми, Александра Мириќ ги споделува своите перцепции за местата и луѓето. Раскошниот и полн колорит е огледало на ризницата на најразлични чувства од кои Александра не се срами. Напротив! Нејзините слики емитираат силен поттик за набљудувачот да се вклучи, да ги спознае и совлада сопствените бариери и да зачекори храбро во сопствениот свет кадешто сé уште се разменуваат нежни погледи, каде амбицијата е непотребно тешка или кадешто оние што не се повеќе со нас сé уште седат еден покрај друг. Живата емоција е вградена во секој од безбројните лазурни премази со кои ги конструира своите дела. Не избегнувајќи ја својата професија (Александра е специјалист за споменици на културата и двоен доктор на наука во областа на архитектурата и археологијата), таа го интерпретира својот свет кој никако не е статичен. Како зградите што ги конзервира и тој е склон кон пропаѓање. Трагајќи по својот сликарски израз, таа трага по своето место во времето, во науката, во љубовта, во семејството. За неа културното наследство не е само историја заробена во камен, за неа минатото е инспирација што донесува радост и игра, отелотворена во нејзините дела.
Поставката „Визуелни сеќавања“ на Александра Мириќ е своевидна мапа низ современото доба – доволно објективна да ги отвори егзистенцијалните и менталните дилеми и доволно субјективна да го воведе набљудувачот во своите најинтимни мисли.
-Верува дека културните добра што сме ги наследиле не сме можеле да ги бираме, исто како ни семејството во кое што сме родени. Затоа, на изучување, заштита и сликовна интерпретација на сите згради, било да се големи градски тврдини или трошни куќи од различни историски периоди, пристапува со иста љубов и грижа. Мечтае за моментот кога културното наслетство сите ќе го познаваме, сакаме и штитиме како сопствениот двор. „Иднината им припаѓа на оние што најдалеку и најдолго го памтат своето минато“ (Ниче) е мотото што ја води низ нејзината архитектонска и сликарска дејност. Во нив, цивилизациската и генерациската раслоеност на луѓето и околината е секогаш во центарот на нејзиниот интерес, вели Александра.
Валоризацијата на градителското наслетство ја изучувала на Универзитетот во Прованса. Со докторат од археологија се здобила на Универзитетот во Лион, а со докторат од архитектура на Универзитетот во Ниш. Институтот за архитектура и урбанизам на Србија (ИАУС) Александра ја има наградено за најдобра докторска дисертација одбранета во учебната 2015 – 2016 година, а Интститутот за истражување на античката архитектура од Франција (IRAA France) едногласно ја има избрано за придружен истражувач.
На Александра и е доделена титулата Амбасадор на Алијансата на европските градови на култура (AVEC) за Јужна и Југоисточна Европа. Со ова именување се формализирани нејзините досегашни напори, градовите на Балканот да земат учество во стручните размени што се случуваат во рамките на мрежата, да се ангажираат во усвојувањето на методологијата Qualicities, а со тоа, да го заштитат и направат одржливо своето наслетство.
Интернационалната комора на младите (JCI) и ја има доделено првата награда за особени придонеси во развојот на културата (TOYP).
Таа живее во Ниш, но истражува, слика и изложува на релација Србија-Франција. Со помош на знењето и активните заложби работи на промоција на уметноста и културното наслетство, и во контакт со институциите и колегите од Србија и Франција успешно ги поврзува луѓето, институциите, градовите и културите на двете земји.
Александра Мириќ е сликар и мајстор иконописец. Досега имала три самостојни изложби во Ниш (2008, 2009, 2015 година) и една во Париз (2017 година). Учествувала на повеќе од десетина интернационални ликовни колонии и групни изложби. На единствениот ликовен конкурс во Србија посветен на надреализмот, „Во чест на Матиќ“, нејзината слика „Светците кои маршираат“ од циклусот „Радосници“, ја има добиено првата награда.
Нејзините дела се наоѓаат во разни галериски фондови и приватни колекции во земјата и ширум светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.