Во галеријата Кос во Љубљана беше отворена самостојна изложба на македонскиот академски сликар Мирослав Масин. Ќе бидат изложени дела од циклусот „Enchantè“ работени последниве четири години. „Enchantè“ претставува сублимат на поранешните циклуси на Масин.
Во организација на Младинскиот културен центар – Скопје, а со поддршка на Министерството за култура, ќе се одржи втора самостојна изложба на Мирослав Масин во Љубљана, во реномираната галерија Кос, Штефанова 5.
„Со изложбата „Enchantè“ на академскиот сликар Мирослав Масин во галеријата Кос во Љубљана, имаме можност уште еднаш да се запознаеме со делата на овој редок сликар со изразита креативна енергија. Неговото сликарство преставува магична лирска експресија во којашто најчесто централно место зазема женскиот елемент без разлика за кој циклус од неговото творештво говориме.
„Enchantè“ претставува сублимат на неговите поранешни циклуси. На прв поглед некои од сликите од овој дел на творештвото на Масин изгледаат хаотично, но ако внимателно се загледате ќе забележите дека авторот цртачки и колористички го контролира хаосот и го доведува во еден космички ред.
Се работи за сликар, кој од почетокот на својот уметнички пат го негува цртежот, кој преставува основа во создавањето на уметничкото дело без разлика во кој медиум твори. Тоа може најдобро да го видиме во телесните, биоморфни форми на птицата, рибата или кај женските тела, кои како да се населиле во имагинарниот свет на сликата под сигурната рака на уметникот. Неговите дела ни ги пренесуваат неговите соништа и размислувања во кои ги препознаваме еротските мисли и копнежи во еден музички ритам, па така тие истовремено звучат и како музичка симфонија.
Сликите вообичаено ги восприемаме преку окото, звукот го слушаме со увото, но кога се работи за сликите на Масин нив ги доживуваме преку повеќе сетила, ги гледаме со нашето трето око, а музиката, која звучи од нив ја слушаме со нашето трето уво. На тој начин тие креации ги откриваме преку нашата свест и потсвест.
Ликовниот јазик на Масин е емотивен со префинета, богата ликовна имагинација и како таков претставува свеченост за очите. Но, тоа е и ликовен јазик со музика во која како да чукаат дамарите на радоста, т.е. убавината на животот.
Оние што го познаваат творештвото на Мирослав Масин знаат дека тој не е само одличен сликар зад кој се педесетина самостојни изложби во повеќе светски центри на уметноста, туку и автор на повеќе перформанси, инсталации, илустратор на повеќе поетски збирки и сценографии.
Се работи за автор со надарена уметничка природа, за зрело уметничко име кај кое делата пулсираат во ритамот на музиката и се во тесна врска со колоритот. Toa e творештво oд кое блика жива творечка енергија“.
Отворањето е на 20 ноември 2017 во 19 часот. Ќе бидат изложени дела од циклусот „Enchantè“ работени последниве четири години. Изложбата ќе биде отворена до 3 декември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.