Од убав поубав, постигнати со стил и од различни позиции, ви ги нудиме најубавите голови постигнати од македонски ракометари.
Број 1 е најновото чудо на Кирил Лазаров против Португалија. Сув лист ли е, личи и на лет на пеперутка, а секако е ремек-дело што го пренесоа и го анализираа и светските медиуми. Гол од седмерец со десна рака во десен агол, невидена мајсторија на ракометните терени. Кире е чудо, а голот е антологиски.
Шрауба број еден, за позиција број 2 на Стојанче Стоилов против Чиле. Пикерот на македонската репрезентација ги збуни противниците со удар што е карактеристичен за ватерполото. Прецизно, мудро, шокантно за голманот и неодбранливо.
Цепелин, за место број 3 на Дејан Манасков против актуелниот европски првак Данска. Каков фантастичен одраз на крилото на македонската репрезентација и магичен гол со кој го„залепи“ противничкиот голман во дирекот. Акција за паметење и гол за сите времиња на македонскиот ракомет.
Шрауба број два, за позиција број 4 за Филип Миркуловски против Португалија. Многу очекувавме од клучниот дуел против Португалците за пласман на ЕП во Данска 2014 година, а добивме уште повеќе. Забележавме прекрасна победа од 26-19 и видовме два светски гола, едниот на Кирил Лазаров, а вториот на Филип Миркуловски. Бекот на Металург покажа дека знае умешно да се снајде во секаква ситуација и со гол од зад грб во неповолна позиција ја крена публиката на нозе. Неочекувано, од речиси изгубена ситуација Филип го погоди голот на гостите, а голманот воопшто и не трепна. Гол карактеристичен за големите мајстори на ракометната игра.
Какви велемајстори на ракометната игра има Македонија потврди и Владимир Темелков против Полска. Гол за 5 место, постигнат против сите закони на физиката. Владо секогаш расположен за добар потег, го надмина и творецот на „вртените топки“, Миле Исаковиќ. Мајсторски, со кошаркарски речник, ја положи топката крај истрчаниот полски голман Вихари, кој не знаеше од каде прими гол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.