Музејот на Македонија учествува на изложбата „Жени, мајки и божици: универзални јазици и предисториска уметност“ во Удине, Италија. Изложбата е отворена од овој месец до февруари 2018 во организација на Градските музеи на Удине во соработка со универзитетите во Сиена и Фиренца.
Музејот на Македонија соопшти дека на изложбата учествува со комерцијални копии на предисториски фигурини, садови и модели што ќе бидат пристапни за лицата со посебни потреби и на тој начин првпат ќе можат да ги допрат и доживеат овие предмети и да го запознаат нивниот изглед.
– Преку овој сегмент од изложбата ќе се овозможи тактилна интеракција меѓу посетителите и културното наследство, што ретко се применува во музеите. Овој интерактивен отсек е само еден дел од поголема изложба на која се претставени палеолитски, неолитски и енеолитски фигурини од Италија, Германија, Словенија, Србија, Романија, Украина и други земји, информира Музејот на Македонија.
На изложбата се вклучени петнаесетина европски институции. Ќе има и две конференции на кои се презентираат идеи за поголема пристапност и отвореност на музеите кон пошироката публика, вклучувајки ги и лицата со посебни потреби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.