| четврток, 6 декември 2018 |

ПСЖ поради Нејмар, ќе се збогува со Емери?

Нејмар изминатово лето направи сензационален и рекорден трансфер вреден 222 милиони евра од Барселона во ПСЖ, а иако со своите блескави партии Бразилецот експресно ги освои срцата на фановите на клубот од Париз, сепак во составот од француската престолнина има еден голем проблем.

Можеби во прв план на француските медиуми на почетокот на сезоната се најдоа искажувањата на индивидуалните егоа од страна на Кавани и Нејмар кои имаа караници за тоа кој да ги изведува прекините на теренот, но „Лекип“ сега уште еднаш открива дека проблемот е многу подлабок, и тоа на релација Нејмар-Емери.

Шпанскиот стручњак е познат по својата неверојатна опсесивност и посветување внимание на најситните детали кога се во прашање неговите фудбалери, но како што тврди угледниот француски весник, перфекционизмот на Емери и неговите постојани долги разговори со фудбалерите едноставно го довеле Нејмар до степен да биде крајно игнорантски настроен кон него и да не го слуша за време на тренинзите.

Повикувајќи се на инсајдерски информации добиени од клубот, „Лекип“ пренесува дека работата на Емери во Париз нема да трае долго со оглед нарушениот однос со најголемата ѕвезда, а всушност многу веројатно и најреално би било токму Шпанецот да ја загуби оваа „војна“ и да отстапи од тренерското столче по крајот на сезоната.

– Постои огромна препрека меѓу нив. Оддалеченоста меѓу нив секој ден е се поголема и Нејмар секој ден е се подиректен со гестовите кои ги прави на тренинзите. Тоа може да се сфати од неговиот став, со еден гест или со еден поглед става јасно до знаење дека воопшто не го интересира што зборува Емери. Тој смета дека тренерот понекогаш треба да ги остави на мира играчите и да не биде толку опсесивен, – го цитира „Лекип“ инсајдерскиот извор од ПСЖ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top