Водопадите во Колешино ќе ви го одземат здивот. Тие се вистинска атракција во Македонија и се наоѓаат на подножјето на планината Беласица, на надморска височина од 270 метри
Колешино е познато по својот живописен Колешински водопад, формиран на реката Баба и висок 19,5 метри. Околу името на селото постојат две легенди. Едната е дека името го добило по битката на Беласица од 1014 година помеѓу војските на Цар Самуил и византискиот император Василиј II, кога во страшен колеж загинале голем број македонски војници. Во чест на тоа, среде село е поставена табла со легендата за настанокот на името Колешино.
Втората легенда е дека името е добиено по овчарот Коле, кој прв се доселил на местото каде денес се наоѓа селото. Имено, луѓето кога поминувале покрај бачилото на Коле викале: „Ова е Колешино“ (бачилото на Коле). Според кажувањата на постарите жители на ова место, селото првин било лоцирано 500 метри појужно во месноста Лееште (Леши) и се викало Спаса. Потоа луѓето се преселиле во месноста Морлада, кога селото почнало да се вика Колешино, па дури отпосле се населиле на местото каде што и ден-денес живеат. Кањонот пак, на реката Баба е познат по случка од минатото, кога 16 калуѓери соочени со опасноста да бидат фатени од непријателот, ставиле марамчиња на очите и се фрлиле во бездната. Селото првпат се споменува во пишаните извори во пописот од 1519 година, кога имало дваесет христијански семејства и само едно муслиманско.
Колешино и во текот на целиот период од османлиското владеење во Македонија, останало со чисто христијанско население. Селото е надалеку познато по тоа што во него има цркви на 4 различни вероисповеди: православна црква „Св. Спас“ (посетена од 160 семејства); евангелско-методистичка (60 семејства); адвентистичка (15 семејства) и црква на Јеховините сведоци (10 семејства). Во селото се наоѓа и основното училиште „Видое Подгорец“, кое го носи името на славниот македонски писател роден во ова место. Училиштето неодамна беше реновирано, со што се создадоа одлични услови за следење на наставата. Прекрасна чешма Даревица, која со својот изглед го застанува секој случаен минувач, е изградена 1939 година.
Составен дел на селото се и Домот на културата, филтер станицата, канализациската мрежа, а од пред некоја година и прекрасниот осветлен булевар. Но, и покрај забрзаниот развој на селото, видлива е масовната миграција на населението. Така, во 1961 година селото броеше 1240 жители, а на пописот од 2002 година регистрирани се 845 жители.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.