| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија со рекорден извоз на храна

Извозот на храна во првото тримесечје, вредел сто триесет и девет милиони евра, доколку трендот продолжи со вакво темпо, се очекува земјоделците годинава да остварат приход од 400 милиони евра, пишува весникот Дневник

hrana

Во првиот квартал од годинава извозот на храна е зголемен за речиси четири проценти во однос на истиот период лани. Ако извозот продолжи со вакво темпо, статистички до крајот на годинава треба да очекуваме рекорден извоз кој во државната каса треба да слее над 400 милиони евра.

Ако се земе предвид дека во 2010 година сме извезле храна за 329 милиони долари, во 2011 за 379 милиони оваа година би требало да биде рекордна во однос на извозот на храна.

Во Сојузот на земјоделците на Македонија велат дека зголемениот извоз се должи на сѐ повисокиот квалитет на прозиводите што го имаат домашните фармери.

– Временските услови годинава одат во наша полза и се надеваме на висок квалитет и богат род. Трговците се постојано на терен, купуваат и извезуваат. Можеби македонските граѓани ќе плаќаат за нијанса повисоки цени на земјоделските производи, но ова е единствен начин да се пласира нашиот род бидејќи Македонија е мал пазар и нема капацитет да го апсорбира целото производство – вели во изјава за „Дневник“ Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија.

Во првите четири месеци од годинава, овошјето и зеленчукот во вкупниот извоз на земјоделско прехранбени производи учествуваат со околу 12,8 проценти, од кои зеленчукот со 7 отсто и овошјето со 5,7 проценти. Вкупната вредност во периодот 2013 година, на извозот на овие производи изнесува 17,7 милиони евра, од кој вредноста на извезеното овошје изнесува 7,97 милиони евра, а на зеленчукот 9,8 милиони евра. Од зеленчукот, најмногу се бара македонската зелка, од чиј извоз се заработени 7 милиони евра, потоа следат краставиците и корнишоните (900.000 евра), кромидот (600.000), доматите (400.000), и компирот (300.000). Главно извозот на зеленчук е насочен кон Србија, Хрватска, Полска, Украина, Албанија, Бугарија, Kосово, Белорусија и Ирак.

Во однос на извозот на овошјето доминантно е учеството на јаболката, со вкупна вредност од 7,8 милиони евра или околу 42.000 тони и учество во вкупниот извоз на земјоделско прехранбени производи од 5,6 проценти. Во извозот со помали вредности се јавуваат јаткасто овошје, агрумите, грозје и друго. Просечните извозни цени главно се во нагорна линија. Највисок процент на зголемување има кај јаткасто овошје за 145 отсто и грозјето за 80,5 отсто. Овошје најмногу извезуваме во Србија, Kосово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Романија и во Ирак.

Исто така, рекорден извоз во минатата година бележат и македонските конзервни фабрики. Од вкупно 43 преработувачки капацитети лани се произведени 54 илјади тони што е резултат на ниво на рекордот од 2008 година.

Реализираниот извоз изнесувал 40,5 илјади тони, а остварени се 46,1 милиони евра, приход што е рекордна бројка постигната во оваа гранка. Во овој дел од стопанството вработени се околу 1.100 постојано вработени и 3.300 сезонски работници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top