Собранието на Република Македонија на вчерашното продолжение на шестата седница се произнесе за годишните извештаи и финансиските планови на повеќе државни комисии и агенции. Пратениците, меѓу другото, го разгледаа и Годишниот извештај на МРТ за 2016 година.
Снежана Клинчарова од МРТ истакна дека за минатата година јавниот радиодифузен сервис остварил позитивно работење со добивка евидентирана на крајот на годината.
Пратеникот од СДСМ Томислав Тунтев истакна дека извештајот ќе го поддржат со цел да не ги кочат собраниските процедури. Тунтев најави промени во МРТ кои ќе бидат иницирани од луѓе кои професионално се занимаваат со медиумска и со новинарска дејност.
Пратеничката Невена Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во 2016 година МТВ имала далеку поквалитетна програмска понуда. За Стаменковска од посебна важност е делот што се однесува на следењето на изборите во 2016 за кои рече, поминало во најдобар ред и што било позитивно оценето.
Пратениците го разгледаа и усвоија годишниот извештај на работењето на Државниот завод за ревизија во 2016 година.
Народните избраници меѓу останатите извештаи ги усвоија и Годишниот извештај за работата на Агенцијата за електронски комуникации за 2016, годишниот извештај за работата на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги за 2016, годишниот извештај на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.