| четврток, 6 декември 2018 |

МРТВ не е фирмичка, соопштението на ЗАМП е многу навредливо

Традицоналниот „Скопски фестивал“ годинава нема да се одржи. Македонската радиотелевизија се реши на ваков чекор поради забраната на ЗАМП за емитување на македонска музика, која стапи на сила од 20 септември.

Уредничката на културно-забавната програма на националниот сервис Мери Попова, во интервју за „Република“ зборува за сите предизвици и проблеми со кои се соочуваат во изминатиот период, но и како оваа забрана влијае врз „Скопски фестивал“ и настапот на Мартија Станојковиќ на Детскиот избор за песна на „Евровизија“, кој за неколку дена ќе се одржи во Малта.

– Неодамна МРТ ја информираше јавноста за откажување на реализацијата и на одржувањето на годинашното издание на „Скопскиот фестивал“ токму поради актуелната состојба во земјава, произлезена од забраната за емитување македонска музика. Македонската радио-телевизија, по својата структура и задача во општеството е да продуцира програма што потоа ќе ја емитува на своите програми за најширокиот аудиториум. Во случајот со „Скопскиот фестивал“, МРТ секоја година одвојува многу голем буџет, за фестивалот да има таков гламурозен изглед како што заслужува. Тоа значи дека треба да се отштетат сите автори и изведувачи на избраните композиции, оркестар, награди за најдобрите, да се обезбеди соодветна сала за одржување на фестивалот, сценографија, светло, озвучување и уште милион други детали што се составен дел од целиот проект. Во сето тоа вложуваме многу посветеност и труд, за потоа истите композиции да бидат составен дел од вкупната редовна ТВ и радиопонуда на МРТ, па, ако сакате, и на сите други радиодифузери во земјава. Имено, ЗАМП се огласи со нејасно соопштение во кое ни дозволува одржување со едно емитување на фестивалот, кое го сметаме за многу навредливо! МРТ не е „фирмичка“ што го продуцира Скопскиот фестивал за да заработи од продажба на билети, а за такво нешто – ниту баравме дозвола од нив, ниту е потребна! – вели Попова.

Целото интервју ќе биде објавено во 218. број на неделник „Република“ кој ќе биде пуштен во продажба утре.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top