Македонија ќе биде аутсајдер при извлекувањето на групите за Европското првенство во Данска, што ќе се одржи на 21 јуни во Хернинг. Ќе има 4 различни садови при ждрепката, а ние ќе бидеме во третиот или во четвртиот, зад четирите носители Данска, Шпанија, Франција и Хрватска и зад победниците на квалификациските групи, Србија, Шведска, Исланд и Чешка.
Точниот состав дополнително ќе биде одреден, но Македонија сигурно нема да биде во првите две најсилни групи при извлекувањето. Дали како петопласирани од последното ЕП во Србија ќе ја имаме привилегијата да се најдеме во третиот сад, ќе биде познато најдоцна до среда. Конкуренти ни се Полска, Унгарија, Норвешка, Црна Гора, Белорусија, Австрија и Русија.
Ако се вреднува минатиот труд, тогаш ќе бидеме во претпоследниот сад, а против нас е фактот што имавме најмалку бодови, само 6, во овие квалификации, од сите останати шест второпласирани репрезентации. Русија ќе игра на ЕП во Данска како најдобра третопласирана селекција од сите 7 групи.
Европското првенство ќе се игра од 12 до 26 јануари во четири града. Копенханген, Хернинг, Архус и Алборг се организатори на шампионатот, а во првата фаза ќе има 4 групи со по 4 репрезентации. Извлекувањето на групите ќе се одржи во Хернинг на 21 јуни, во 18.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.