Советскиот сојуз го лансираше кучето Лајка во вселената во сателитот Спутник 2 пред 60 години, на 3 ноември 1957 година. Само еден месец претходно СССР во вселената го испрати првиот сателит во вселената воопшто, Спутник 1.
– Ја замолив да ми прости, ја погалив за последен пат и заплакав – вели 90 годишниот руски биолог Адиља Котовска, потсетувајќи се на моментот кога мелезот Лајка стана првото животно во вселената.
Лајка во леталото преживеала само неколку часа, обиколувајќи ја Земјата претходно девет пати.
– Тие девет орбитирања оклу Земјата ја направија Лајка првиот светски космонаут. Беше жртвувана заради успехот на идните вселенски мисии – вели Котовска, горда на својата пионерска улога во работата со првите животни во вселената.
Патувањето на Лајка за тогашниот советски лидер Никита Хрушчов беше уште една победа во вселенската трка со Американците.
– Неколку кучиња пред Лајка беа лансирани на кратки под орбитални летови кои траеле неколку минути „за да се провери дали може да се преживее во состојба без гравитација – рече Котовска.
За да можат кучињата да се прилагодат на патување во капсула долга само 80 сантиметри, Котовска постепено ги сместувала во сѐ помали кафези.
Кучињата кандидати го минувале времето во центрифуга, симулатор на гравитациски сили што се создаваат во моментот на лансирањето, а биле подложувани и на слични нивоа на бучава.
Лајка била мелез, пронајден на улица во Москва, стара околу три години и тешка шест килограми.
– Биравме женки бидејќи тие не треба да ја кренат ногата додека уринираат, што значи дека им треба помалку простор од мажјаците. А уличните кучиња ги одбиравме бидејќи ги имаше повеќе и беа помалку зависни – вели Котовска.
Кучињата заради публицитет требало да бидат фотогенични и им биле давани имиња што лесно се паметат. Името на Лајка дојде од лаењето. Таа била избрана за првиот лет бидејќи била паметна и послушна.
– На почетокот сѐ беше во ред. Секако, во текот на лансирањето срцето на Лајка многу забрза, но по три часа пулсот се врати во нормала – раскажува Котовска.
Ненадејно, за време на деветото кружење околу Земјата, температурата во капсулата почна да расте и достигна 40 Целзиусови степени. Изолацијата од зраците на Сонцето не беше доволно добра. Научниците се надеваа дека Лајка ќе може да преживее осум до десет дена, но угина од дехидрација по неколку часа.
Советското радио со денови известуваше дека Лајка е добро. Официјалната верзија гласеше дека Лајка угинала од отровот што и бил подметнат во храната за да биде поштедена од болна смрт при враќањето во атмосферата на Земјата. Москва до тие измислици се држеше со години.
Првите животни што беа лансирани во вселената и се вратија живи беа мелезите Белка и Стрелка во сателитот Спутник 5 во август 1960 година.
Успехот на таа мисија ги увери советските власти да тргнат во најризичната мисија – испраќање на првиот човек во вселената. Во април 1961 година, три и пол години по Лајка, Јуриј гагарин стана првиот човек во вселената.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.