Во преполниот Даут пашин амам синоќа во Скопје беше отворена ретроспективна изложба по повод 90 години од раѓањето на македонскиот уметник Петар Мазев. Изложбата е во организација на Националната галерија на Македонија и ќе трае до средината на јануари 2018, а се планираат и патувачки изложби.
Роднини, пријатели, лица од јавниот живот, љубители на ликовната уметност поитаа да го видат Мазев и неговиите дела кои досега беа помалку или скоро непознати за јавноста. На изложбата има слики кои биле малку или воопшто не биле изложувани, така што посетителите со голема љубов и заинтересираност ја проследија изложбата.
Изложбата „Петар Мазев, 90 години од раѓање“ е составена од околу 70 дела работени во разни техники на платно и панел, кои прават пресек на творештвото на маестро Мазев, следејќи го неговиот развој и пат, од самите почетоци на 50-тите години од минатиот век се до неговата смрт во 1993 година.
Делата на изложбата се позајмени од Музејот на современата уметност во Скопје, Заводот и музеј Охрид, Културно-информативниот центар од Скопје, Центарот за култура Антон Панов од Стрмица и од голем број приватни колекционери.
Петар Мазев е роден 1927 година во Кавадарци. Завршил Ликовна академија во Белград во 1953 година кај професор Зоран Петровиќ. Бил професор на Факултетот за архитектура во Скопје и бил главен иницијатор за формирање на Факултет за ликовни уметности во Скопје. Тој е еден од најзначајните автори на македонската современа ликовна уметност со бројни самостојни преставувања како во Македонија, така и во Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, САД и други.
– Јубилејнава изложба, ако внимателно се проследува, претставува всушност една автобиографска прошетка. Поделена е во повеќе сегменти. Од првите сликарски импресии на неговата професорка од Академијата за ликовни уметности во Белград Зора Петровиќ, преку надреализмот, метафизичкиот реализам и кубо футуризмот како последица на трендот на 1960-те години, тишините и контемплациите меѓу белите манастирски ѕидови, преку судирот на смртта и љубовта до светите великодостојници со христијанскиот амблем. До расплакните широки очи исправени пред бездната на незибежниот крај. Вистинска автобиографија – вели Соња Абаџиева, врвен и посветен познавач на творешвото на Мазев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.