Во изложбениот салон „ИМПЕРИЈАЛ 1“ во КИЦ – Скопје, овој петок (3 ноември, 2017) со почеток од 20 часот ќе биде отворена изложбата на скулптури „МОМЕНТ НА ПРИВЛЕЧНОСТ“, од авторот Слободан Милошески.
-Овие нови, монументални пројави на авторот се апстрактно-асоцијативни формации, кои на прв поглед се отклонување од неговата првичната опседнатост со кинетичкатата скулптура. Но, само на прв поглед: авторот останува опседнат со движењето, овој пат, во мирување, овој пат…пругоре. Тој нагласен динамизам во овие изведби е засилен двојно: прво, илузијата на поместено гравитационо тежиште создава севкупна динамична изобразба и второ, самите елементи по себе од кои е сочинета целината дополнително ја интензивираат самата динамика на целината. Така, следува дека авторот прво ја конструира, ја повикува, т.е. тендира кон структурата, за потоа да ја деконструира низ значењето и потенцирањето на самите елементи од кои истата е соткаена, вели естетичарот Трајче Стојанов, во својата критика по повод изложбата „МОМЕНТ НА ПРИВЧЕЧНОСТ“
Слободан Молошески, дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје,на отсекот вајарство во 2009 година, а во 2011 година магистрира на истиот факултет. Во моментов е докторант на НХА во Софија, на катедра скулптура. До сега има реализирано 16 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 50 групни изложби во земјава и странство.
Добитник е на 13 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2014 година, како и наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ исто така доделена од ДЛУМ во 2014год.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптура на Живо Чинко, Ристо Шишков, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Муза (наменета за фасада на објектот „Стар театар“) како и две скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како доцент на Ликовната академија во Штип.
Изложбата ќе биде отворена до 11 ноемви 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.