Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, неодамна ја објави студијата Теоријата на книжевност во (интер)акција од Марија Ѓорѓиева Димова.
Во книгата авторката актуализира неколку клучни книжевнотеоретски и херменевтички теми и категории, елаборирани и во теоретски и во интерпретативен контекст. Интертекстуалноста, метафикцијата, авторот, читателот, влијанието, биографската метафикција, иронијата, интерпретацијата се само дел од прашањата коишто се разгледуваат во компаративниот пресек на современите концепции и коишто интерпретативно се промислуваат преку романите на А. Бајат, З. Лешиќ, У. Еко, В. Андоновски, А. Битов, Б. Миневски. Целта на студијата е да ја демонстрира нужната комплементарност и интерактивност меѓу книжевните теории и книжевната практика, како и да ја потврди функционалноста на книжевните теории во однос на толкувањето и на разбирањето на книжевните текстови.
Книгата содржи три дела: „Теориски модели“, „Толкувачки модели“ и „Теориски категории и концепции“.
-Теоријата на книжевност – пишува Марија Ѓорѓиева Димова – поминувајќи ги различните фази од односот кон сопствениот предмет на интерес (книжевноста, книжевната практика), модификувајќи ги сопствените позиции од мета-, интер-, транс- поставеност и кон практиката и кон останатите дисциплини/науки, но и кон самата себе, денес се соочува со предизвиците на понатамошниот развој. Од една страна, теоријата на книжевност во XXI век е привилегирана да биде метапозиционирана во однос на сета постаристотеловска историја на теоријата, да има увид во бројните комплементарни, сопоставени и меѓусебно рестриктивни теориски концепции. Од друга страна, постои и скептичното соочување со можните развојни насоки на теоријата, било по патот на метатеориско промислување и реконцептуализирање на постојните теории и категории врз фонот на актуелната книжевна практика, било по патот на радикалното пресвртување на теориските модели. Сепак, она што е индикативно во однос на фактичката состојба во теоријата на книжевноста од крајот на XX и почетокот на XXI век е токму нејзината зголемена саморефлексија што се манифестира во делумното враќање на фокусот врз традиционалните прашања и теми (на пример, за природата на книжевноста, за нејзиниот онтолошки статус, за облиците на постоење на книжевните дела).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.