| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера во МОБ: Балетски триптих во кореографија на Ицик Галили и Сташа Зуровац (видео)

Балетски триптих во кој првите две претстави „Агонија на срцето“ и „Софа“ се во кореографија на светски познатиот кореограф Ицик Галили од Израел, а третата е обнова на претставата „Песна над песните“ и е во кореографија на  Сташа Зуровац од Хрватска, на 18 октомври премиерно ќе биде изведен на сцената на Македонската опера и балет, а репризата е на 24 октомври.

Работата на Галили е карактеристична по способноста  да го истражува танцот од широк опсег, да ја заобиколи нашата свест и да ги разбуди нашите внатрешни чувства. Мешајќи ги соништата со јавето, минатото со сегашноста, Галили ја повикува публиката да размислува за тоа што останува скриено зад реалноста. Тој комбинира експресивни движења со моќни или поетски слики, честопати создадени со неговото лично дизајн на светло, и го покажува неговото искуство и гледање на светот во перформанс кој е универзален и човечки…
Неговото постојано и интензивно истражување на интеракцијата помеѓу движењата и текстовите, проектирани или изговорени – како и во соло делото „Минијатурен залак“(Little Tiny Bite) – го прават уникатен кореограф на меѓународната сцена.
Лексиконот на движења на Галили е изразито енергичен, понекогаш дури и акробатски. Сепак, тој не е заинтересиран само за физичките можности на танчерите. Со многу суптилни гестови, пренесува израз или промена во односот меѓу луѓето. Тој комбинира страв и моќ, осаменост и удобност, суровост и нежност, сериозност и хумор, борба и среќа, емоции и апстракција – не како противречности, туку како можности. Тој ги предизвикува танчерите да се користат со актерска игра, да ги користат нивните гласови, нивните тела како удирачки и свирачки инструменти на кои досега не свиреле, a со тоа што ги прашува, што тие мислат за сопствените можности како танчери и како човечки суштества? Ги поттикнува да бидат креативни поединци и независни мислители. Дополнително, Галили ги помага идните таленти за кореографија.

-Кога телото ќе ја отвори устата и ќе ги изговори зборовите од кои потекнува, јас ќе го прегрнам и ќе му дозволам да одмора крај мене, ќе рече кореографот кој досега поставувал претставни на сцената на многубројни светски театари.

-Секоја уметничка форма е религиозна на некој начин, претставува ритуал. Бришењето на религијата е само интелектуална изјава. Но на сцена, станува потребна и автоматска обврска да се живее во моментот. Мојата работа е интимен ритуал, огледало кое го нуди токму она што ние веќе го носиме во нас. Дваесет и пет години јас го оставам својот белег во светот. Свесен и преплашен, го согледувам својот живот. Учам. Учењето е: да се оттргнам од учење. Годините минуваат без одговор. Пресудно е да не се најде ништо. Чувствувам како ме преплавува поток, жила од подземни реки кои се појавуваат и исчезнуваат. Парчињата свои ги носам во себе. Движење сочинето од воздух и тело, вели Галили.
За него танчерите се рудник со злато.

-Бои, одраз на моите ограничувања, на она што јас не можам да го видам. Секој од нив носи различен елемент во креативниот процес, составен од тело и душа, далеку поголем од она што се очекува од традиционалното знаење на еден танчер. Работата се претопува во нив, и со тоа, барањето на широк опсег на движења станува очигледно, а разликите во толкувањето стануваат пресудни. За да ги унапредат нивоата на размислување, треба да гледаат подалеку од менталната граница. Тие ме тераат да станам најдобар што можам, и ме спречуваат да станам сенка на некој друг. Телото станува политичко, временска бомба, затоа што, водено од потребата да оди напред, ги игнорира временските ограничувања, смета Галили.

Во „Агонија на срцето“ и „Софа“ музиката е на Том Вејтс и Филип Глас, а во „Песна над песните“ музиката е на Марјан Нечак.

Уметничкиот раководител на Балетот, Олга Панго, денеска на прес-конференција рече дека ќе настапат првенци, солисти и балетскиот ансамбл на МОБ.

– Го нарековме Балетски триптих, бидејќи трите претстави не се во релација една со друга, туку станува збор за модерен и современ балет и може да се најде некаква меѓусебена нитка, истакна Панго.

Во претставите настапуваат Ивана Коцевска, Бобан Ковачевски, Игор Велановски, Мирјана Поп Алексова, Саша Евтимова. Ендру Кук, Симоне Џиролети, Андреј Литвиненко, Мирослав Митрашиновиќ, Јан Кисилев…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top