Германија и другите членки на ЕУ, заедно со САД, активно да го помогнат процесот на разрешување на спорот со Грција, оти задоцнето решение на проблемот носи ризик за отворање други проблеми и поделби помеѓу заедниците во Македонија, но истовремено ги загрозуваат и сите досегашни постигнувања на Македонија по Охридскиот договор.
Тоа го порачал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средбата со политичкиот директор на МНР на Германија. Делегацијата на Демократската унија за интеграција (ДУИ) предводена од партискиот лидер Али Ахмети својата посета на Германија ја почнала со средба во Министерството за надворешни работи на Германија со политичкиот директор на Министерството, д-р Ханс Дитер Лукас и неговиот кабинет, известува ДУИ.
Лукас ги нагласил одличните односи помеѓу Македонија и Германија и се интересирал за интегративниот процес на Македонија во НАТО и ЕУ, за имплементацијата на Охридскиот договор, меѓуетничките односи, медиумите како и диалогот помеѓу политичките партии. На средбата уште еднаш било порачано дека Германија безрезервно ја поддржува интеграцијата на Македонија и на регионот во Евроатлантските структури и истовремено ја поттикнува Македонија да ги продолжи реформите како и да продолжи по патот на Охридскиот Договор.
Ахмети побарал директна помош од Германија во надминувањето на проблемот со името, како чувствително прашање, што потоа би овозможило и релаксација на меѓуетничките односи, но и ќе придонесе за оддржлив мир и стабилност како и економски развој. Ахмети порачал дека постои потреба за поддршка од земјите на Европската Унија во соработка со САД, затоа што сега е најдоброто време за решение.
Задоцнувањето со постигнување компромис носи ризик за отварање на други проблеми и поделби помеѓу заедниците, но истовремено ги загрозуваат и сите досегашни постигнувања на Македонија по Охридскиот Договор, кои што се заеднички постигнувања каде што Германија одигра многу значајна улога, порачал Ахмети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.